Идните нови законски решенија за дигиталната сфера ќе предвидуваат компаниите што ги поседуваат и администрираат социјалните медиуми и т.н. чет-платформи да бидат задолжени да ги споделуваат „своите“ безбедносно-интересни информации со европските безбедносно-разузнавачки служби. Францускиот претседател Емануел Макрон генерира создавање политичка волја кај водството на ЕУ да донесе т.н. дигитален акт со кој, во врска со ова, ќе ги „притисне“ компаниите од САД што се сопственици на „Фејсбук“, „Гугл“, „Твитер“, „Тик ток“ итн.

Терористичките напади што неодамна беа извршени во Париз, Ница и во Виена, ги поттикнаа лидерите на Европската Унија да започнат да размислуваат за идните нови законски решенија за дигиталната сфера, со кои компаниите што ги поседуваат и администрираат социјалните медиуми и т.н. чет-платформи ќе бидат задолжени да ги споделуваат „своите“ безбедносно-интересни информации со европските безбедносно-разузнавачки служби.
Во овој контекст, на пример, францускиот претседател Емануел Макрон генерира создавање политичка волја кај водството на ЕУ да донесе т.н. дигитален акт со кој на некој начин би ги „притиснал“ компаниите сопственици на технолошките гиганти (кои најчесто се од САД), веднаш да ја споделуваат со европските власти „проблематичната“ содржина на комуникациите на осомничените. Во таа насока, се очекува на почетокот од декември да заседава Европската комисија на оваа тема и да се донесе регулатива со која ќе се одредат правилата по кои во иднина во ЕУ ќе работат фирмите како што се „Фејсбук“, „Гугл“, „Твитер“, „Тик ток“ и други.
Од македонска перспектива на настаните, познавачите на комуникациските системи и на безбедносната проблематика со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок велат дека Македонија не треба да ја игнорира оваа иницијатива на ЕУ и државата треба веднаш да се приклучи кон оваа иницијатива. Според нив, Македонија како членка на НАТО, но и идна членка на ЕУ, по ништо не треба да заостанува од остатокот на Европа во овие настани бидејќи и ние како земја се соочуваме со предизвиците од тероризмот.

Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи, во својот осврт на актуелните случувања, вели дека Македонија е земја што се соочува со истите безбедносни предизвици како Франција и Австрија каде што неодамна беа спроведени терористички напади.
– Ние како земја се наоѓаме на патот на движењето на мигрантите од Блискиот Исток кон Западна Европа и со сигурност низ огромните маси луѓе има и скриени џихадисти и потенцијални терористи. Дополнително, нашиот регион (и во обратен правец) е транзитен пат со т.н. мала врата низ која радикализираните Европејци поминуваат за да се приклучат во редовите на ИСИС на Блискиот Исток. Поаѓајќи од оваа констатација, може да се разбере важноста зошто и ние како држава треба што поскоро да се приклучиме кон оваа иницијатива на ЕУ – вели Трајкоски.
Според него, Македонија како земја на НАТО и идна членка на ЕУ, речиси ја има истата потреба како Франција и Австрија на своите безбедносни служби да им дозволи да ја следат комуникацијата на осомничени терористи што тие ја водат на социјалните мрежи.
– Сепак сето треба да биде спроведено низ сет модерни нови закони за оваа намена, со кои ќе биде заштитена презумпцијата на невиност и ќе биде испочитувана процедурата при користењето приватни и лични податоци – резимира Трајкоски.
Специјалистот за односи со јавноста и нови медиуми, Бојан Кордалов, вели дека промените од овој тип во Европа се очекувани иако сега се иницирани од последните немили случувања.

Кордалов вели дека во моментов е важно да знаме дека и во процесот ќе се почитуваат човековите слободи и права на комуникација и во тој процес ќе се заштити приватноста на луѓето што ги користат чет-апликациите и социјалните мрежи.
– Во тој правец ние треба да сме свесни дека мораме да ги следиме придобивките од овој процес и да инвестираме во ваков правец. Кога конкретниот предлог од ЕУ ќе биде ставен на маса треба да го погледнеме, да ги собереме искуствата од Европа и потоа да формираме македонска законска рамка што најмногу ќе ни прилега – резимира тој.

[email protected]