Недолично однесување, навреди, етикетирње, говор на омраза, па дури и повици за насилство се забележуваат сѐ позачестено по последно време на друштвените мрежи по секој поголем настан или случување на домашната општествено-политичка сцена. Меѓу широкиот спектар од вакви примери на социјалните мрежи се и повици за линч на лидер на политичка партија, преку пораката „ловот започна, ќе те ловиме докрај, предавнику“, но и редица други, повик за убиство или затвор за одредени лидери на политички партии и сл.

Кој било поголем настан или случување на домашната општествено-политичка сцена не поминува без рефлексија на социјалните мрежи.
По тензичните протести поради потпишувањето на договорот за името, но и неодамнешната смрт на момчето, кое беше претепано од страна на напаѓачи во центарот на градот, социјалните мрежи и медиуми беа преплавени со говор на омраза и лажни вести, што, според упатените, провоцира насилство и уште повеќе ја продлабочува поделбата меѓу граѓаните по сите основи. Ваквиот феномен, кој е загрижувачки и кој дополнително го поларизира и така веќе поделеното општество, деновиве добива на интензитет по заканувачките пораки, со повик за насилство кон државни функционери, политичари, новинари, па до анонимни закани по живот како евидентни примери што се забележуваат меѓу корисниците на социјалните мрежи. Речиси е невозможно да нема објава на друштвените мрежи, особено доколку веста е поврзана со политика, а таа да не се искористи како можност и поттик некој да се етикетира и да се отвори жестока дебата меѓу граѓаните за „едните“ или за „другите“, за „предавниците“ или за „патриотите“, а притоа не изоставуваат ниту навредите и говорот на омраза. Меѓу широкиот спектар од вакви примери на социјалните мрежи се и повици за линч на лидер на политичка партија, преку пораката „ловот започна, ќе те ловиме докрај, предавнику“, но и редица други, повик за убиство или затвор за одредени лидери на политички партии и сл.

Иако сите овие постапки можат да се сметаат за казниви дела, за кои е предвидено и до неколку години затвор според Кривичниот законик на Република Македонија, прашањето е како да се искорени ваквиот говор на омраза и да се спречи поттикнување на насилството во која било форма, но истовремено и да се пронајдат оние што се одговорни, кои го практикуваат тоа, и против сторителите да се преземаат соодветни мерки.
Познавачите со кои се консултиравме за оваа тема препознаваат голем број кривични дела на социјалните мрежи во последниот период. Во исто време коментираат дека многу е тенка линијата во денешните современи општества на Интернет и социјални мрежи да се разграничи слободата на изразување од говор со омразата. Тие на проблематиката истовремено апелираат до сите влијателни личности, политичари, институции и претставници на седмата сила да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти, според нив, тоа што една личност може да го предизвика со својата изјава, стотина други лица потоа нема да можат да го исправат.
Универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека секој елемент поврзан со случувањето на терен се пренесува на Интернет и обратно.

– Говорот на омраза на Интернет, односно на социјалните мрежи, е елемент поврзан со случувањата од терен. Тие две работи одат заедно, а не одделно, како што некои милуваат да кажат, а истите тие носат директна закана по сите нас – вели Калајџиев.
Тој објаснува дека ширењето расистички и ксенофобичен материјал заедно со повик за насилство по пат на компјутерски систем е прецизно пропишано во Кривичниот законик, во членот 394 г. Според него, казната за ваквите повици на насилство, доколку дојде до потешки облици на прекршување на законот, може да биде и до десет години затвор.
– Во Кривичниот законик прецизно се опишува дека доколку во јавноста преку Интернет се шири расистички ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија што помага или поттикнува омраза, дискриминација или насилство против лице или група врз основа на национално или етничко потекло или слично, се казнува со затвор од една до пет години – дообјаснува Калајџиев.
Од друга страна, пак, професорката по комуникологија Викторија Кафеџиска смета дека во земјава постои преголема концентрација на гнев и поделеност помеѓу граѓаните, а тоа што загрижува е дека таквиот „вирус“ забрзано се шири, пред сѐ меѓу младите, поради долгогодишното чекање за влез на нашата земја во ЕУ и во НАТО.
– Во Македонија е изгубена границата помеѓу она што е медиум, социјални мрежи и она што е приватност. Секој изречен или напишан збор во медиумот е порака во општеството. Кога говорам за медиум, мислам за оној што потекнува од „здраво општество“, како во развиените западни земји, кои не користат навреда или омраза при својата секојдневна работа. Овде, за жал, го немаме тоа, поради што вирусот на приземно општество сѐ уште вирее во земјава – додава Кафеџиска.

Професорката Кафеџиска вели дека неколкупати досега во своите изјави апелирала до сите општествено влијателни личности да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти тоа, според неа, во овие мигови е доста сериозна работа, која може да предизвика граѓански нереди од поголеми форми. Во насока на случувањата, надлежните институции тврдат дека постапуваат и реагираат соодветно по случаите на пријави за говор или за насилство од омраза, иако од информациите во медиумите речиси тешко може да се забележи дека некој во земјава е санкциониран за ширење говор на омраза на Интернет. Во Министерството за внатрешни работи во функција на полесно детектирање и справување со овие појави имаат воведено и апликација на нивната интернет-страница, на која граѓаните можат да пријавуваат какви било сознанија или информации, меѓу другото и за криминал од омраза и за повикување на насилство. Апликацијата може да се најде на официјалниот сајт на МВР и е насловена „Црвено копче“. Како што се наведува во објаснувањето за апликацијата, таа е наменета за пријавување какви било сознанија или информации од областа на злоупотреба на деца, криминал од омраза и повикување на насилство. Во моментов на Интернет во Македонија има неколку информативно-едукативни веб-страници чија главна цел е да ги информираат граѓаните за повеќе аспекти поврзани со говорот на омраза, но истите тие слабо се обновуваат и содржината објавена на нив е скромна и неразбирлива за обичните граѓани. 


Нема точна дефиниција за говорот на омраза

Во Македонија од 2014 година ширењето говор на омраза е кривично дело. Познавачите велат дека има простор за подобрување на законските одредби, особено поради тоа што практиката покажува дека одредбите се неприменливи, бидејќи недостига концизен член што ќе ја даде дефиницијата на говорот на омраза со што ќе се олесни постапувањето на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи околу неговото препознавање. Освен Јавното обвинителство, механизми за заштита од говор на омраза се Министерството за внатрешни работи, Комисијата за заштита од дискриминација, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија.