Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колку го почитува Грција договореното од Преспа да ѝ помага на Македонија на патот за Европа?

Колку го почитува Грција договореното од Преспа во делот на преземените обврски (од страна на официјална Атина), која се обврза да ѝ даде сесрдна поддршка на Македонија доколку го почне и го прави својот дел од обврските?
Оваа дилема се реактивира периодов во домашната јавност, пред најавената средба на двајцата премиери Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис, на конференција на „Економист“, закажана за во денеска и утре во Атина.
Во сублимиран заклучок, познавачи на дипломатијата со кои се консултиравме велат дека динамиката за спроведувањето на обврските од договорот од Преспа помеѓу македонската и грчката страна не е иста. Тие додаваат дека очигледен факт е дека Македонија максимално е вложена во процесот и многу повеќе го спроведува договореното, а наспроти тоа грчката страна речиси воопшто не е ангажирана во поддршката на нашето зачленување во ЕУ.

Првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, вели дека е невозможно да се очекува еднакво исполнување на договореното во Преспа од властите во Атина и во Скопје.
Според дипломатот, грчките заложби што треба да се остварат според договорот во смисла на нивна директна помош кон Македонија насочени во забрзувањето на патот кон ЕУ се многу мудра дипломатска замка на која налетаа тукашните политичари.
– За да го поставите во практика прашањето кон властите во Атина зошто не ни помагате, во одреден контекст, ќе одговорат дека најпрво вие треба да ги спроведете вашите заложби и така ќе се вртиме во круг по оваа проблематика – вели Арсовски.
Поранешниот амбасадор резимира дека иако нашата земја го промени своето име и направи и други отстапки, сѐ уште ќе треба да се трудиме во иднина да им докажеме на Грците дека нашите намери во договорот планираме да ги спроведеме докрај. Од друга страна, властите во Атина ќе се однесуваат како да немаат иста обврска да го сторат договореното, бидејќи сметаат дека се дипломатски, економски и политички многу помоќна земја од нашата.

Иван Стефановски, извршен директор на „Евротинк“, вели дека во контекст на последните случувања, особено во однос на засилувањето на реториката од страна на Бугарија и на Грција во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка, впечатокот е дека соседна Грција не прави ништо посебно за олеснување на нашиот пристап кон ЕУ.
Стефаноски вели дека во сѐ, освен повремените декларативни изјави што доаѓаат од страна на грчките официјални претставници, Атина ја нема истата динамика на спроведување на договорот како нашата земја.
– Допрва следува многу работа во насока на успешно имплементирање на договорот од Преспа. Во моментот, сѐ уште преовладува впечатокот дека македонската страна прави многу повеќе на полето на имплементацијата на договорот во споредба со Грција – резимира Стефановски.

Дипломатот Виктор Габер вели дека кога говориме за вакви битни процеси треба да знаеме дека начинот на кој се одвива нивната динамика зависи од приоритетите на владите што раководат со нив. Во тој контекст, самото забрзување или забавување на агендата во секој случај зависи и од плановите на државите како да реагираат по одредени прашања, меѓу кои и агендата на Преспанскиот договор.
Габер вели дека сите сме сведоци дека генерално сите светски и европски политички процеси се запрени од настаните поврзани со пандемијата, па во секој случај и одвивањето на грчката поддршка за нашата земја кон ЕУ по ништо не е исклучена од овие несакани застои на целокупната политичка агенда во Европа.
Универзитетскиот професор Јанис Армаколас од грчката тинк-тенк организацијата „Елиамеп“, зборувајќи на темава, деновиве за новинарите изјави дека договорот од Преспа е еден од најветувачките договори за перспективата на регионот.

Армаколас во своето обраќање вели дека договорот поставува рамка за позитивна соработка во иднина, но тоа најмногу ќе зависи од неговата имплементација и дали ќе донесе политичка стабилност и меѓусебна доверба и на двете страни.
Професорот напоменува дека договорот во значителен дел се имплементира и нема поголеми забелешки од двете страни, но смета дека од грчка страна треба повеќе да биде направено за имплементација на документот.

[email protected]