Кратката изјава што посредникот Метју Нимиц ја даде завчера во Виена по заедничката средбата со шефовите на дипломатиите на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, во која накратко единствено соопшти дека двете страни се посветени на постигнување решение и дека процесот ќе продолжи, остава низа недоречености за напредокот на процесот и позициите на двете страни. Иако преговорите за спорот за името во Виена траеја околу три часа, а за време на истите тие, но и по нив министрите за надворешни работи, Димитров и Коѕијас не го коментираа процесот, со свои ставови вчера излегоа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Во интервју за бугарската телевизија БТВ, премиерот Заев истакна дека најбитно е со компромисот да не бидеме обезличени дома.

– Многу е важно да не бидеме обезличени дома, да не бидеме обесчестени – истакна тој.
Заев не прецизираше кое име е најприфатливо, но посочи дека од историски аспект денешната македонска држава го зазема горниот, северен, вардарски дел од Македонија, како што еден дел има Бугарија, а еден дел е во Грција. Доколку не се најде решение, според Заев, веројатно Македонија нема да има иднина во ЕУ и во НАТО.
– Тогаш ќе треба Европа да ја доведеме во Скопје, во Македонија. Не гледам друга опција. Во краен случај ако не се најде решение, прашањето ќе остане отворено и ќе продолжиме по три, шест месеци повторно да бараме одговор – истакна Заев.

Се огласи и грчкиот премиер Ципрас, кој по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, порача дека неговата земја првпат на толку решителен начин се обидува да најде заемно прифатливо решение за името. Според него, Грција во последните години покажала дека треба да игра централна улога во обидот Европската Унија во иднина да ја надгради нејзината меѓународна и регионална улога како сила на мир, стабилност и безбедност. Доказ за тоа, како што посочи, се напорите на земјата во справувањето со бегалскиот проблем и обидите за решавање на кипарското прашање и на спорот за името.
– Ова го покажуваме обидувајќи се, првпат, на толку решителен начин да најдеме заемно прифатливо решение во прашањето за името на поранешната југословенска Република Македонија со гаранции дека ова прашање ќе има конечно решение – рече Ципрас.

Претходно во грчкиот парламент, Јункер пред пратениците истакна дека итно треба да се реши проблемот за името.
– Прашањето за името треба да го решите меѓу вас, јас не сум надлежен да давам идеи или насоки, но треба да ја нагласам итноста што го карактеризира решавањето на проблемот. Ги имам на ум зборовите на Черчил: „Овде историјата што се произведува не може да се консумира, толку е голема“ – порача претседателот на Европската комисија, Јункер, од грчкиот парламент.
Во меѓувреме на јавна сцена продолжува интересот на европските функционери за напредокот во разговорите. Иако не беше најавено како тема за разговор, спорот за името сепак беше тема и на вчерашната средба на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел.

Средбата дојде непосредно по завчерашната рунда разговори за името во Виена, и неколку дена откако грчкиот министер во интервју за грчко радио изрази песимизам за постигнување решение до почетокот на летото, со став дека „е очигледно оти Македонија во јуни нема да стане членка на НАТО“. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, по средбата со министрите за надворешни работи на земјите-членки рече дека се надева дека Македонија и Грција ќе дојдат до заеднички прифатливо решение за името за да може Македонија да ја добие поканата за членство.
– Неодамна разговарав со премиерот Зоран Заев, како и со премиерот Алексис Ципрас и се надевам дека дијалогот што се води може да доведе до заемно прифатливо решение за името за да може да се активира поканата за членство на поранешната југословенска Република Македонија – изјави Столтенберг.
Во исто време, Македонија продолжува да ги јакне контактите и соработката со јужниот сосед. Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, вчера и денес ќе престојува во посета на Скопје. Станува збор за возвратна посета, откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја посети Атина во почетокот на февруари. Не јасно дали двајцата градоначалници ќе се осврнат и на тековните разговори за името, но сигурно е дека таа тема ќе биде акцентирана при денешната посета на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој на последниот ден од турнејата во земјите од Западен Балкан, ќе престојува во Скопје, каде што денес впрочем ќе се одржи самитот Брдо-Бриони, чиј домаќин ќе биде претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
На овој самит, кој се смета за еден вид подготовка на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 17 мај во Софија, се очекува да присуствува и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.
Инаку, двајцата шефови на дипломатиите, Димитров и Коѕијас, веќе следната седмица, на 3 и 4 мај, ќе имаат нова средба во Солун во рамките на состанокот на министрите од Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, а потоа и во Сунио, за време на конференцијата за Европа на 11 и 12 мај.