Создавање на бисерот балкански

Од денешна перспектива, 30 години подоцна, интересно е да се види со какви политички предизвици се соочуваше државата во тоа време, како Киро Глигоров од активен пензионер стана единствен кандидат за претседател на државата, неговиот судир со Темпо за обединета Македонија, формирањето на првите партии во државата итн. Во актуелниот контекст на домашни политички превирања, како и уцени и условувања однадвор во однос на македонската историја, јазик и идентитет, вреди да се спомене и дека Глигоров го сметаше Гоце Делчев за темел на македонската национална борба, а македонскиот идентитет засекогаш бетониран во свеста на Македонците. Со сите негови пропусти, грешки, задоцнети одлуки и колебливости, добивајќи го и прекарот Стариот Лисец, тој, сепак, ќе остане забележан во македонската историја како првиот претседател на независна Република Македонија

Изборот на Киро Глигоров за прв претседател на Републиката – триесет години подоцна (1)

Годините 1990 и 1991 може да се вбројат во еден од најбурните, ако не и најбурен период во поновата историја на Република Македонија и на македонскиот народ. По 45 години мирен и релативно стабилен живот, се распаѓаше социјалистичка, Титова Југославија, веќе беше пропаднат комунизмот како идеолошки и општествен систем, изумираше владеењето на Сојузот на комунистите. Некои од новите републички раководства, главно националистички, беа определени за независност на нивните републики здружени уште од Јајце 1943 г., некои се обидуваа да пронајдат начин за евентуална конфедеративност за да се запрат војните почнати во Хрватска и во Босна и да нема пролевање крв и човечки жртви. Слободан Милошевиќ беше неприкосновен во Србија со силно влијание врз Србите каде и да живееја, водеше агресивна политика кон сите други.

Југославија пред распад

Веќе беше дисквалификувана амбициозната програма за економски реформи на Анте Марковиќ, последниот премиер на СФРЈ. Југословенската народна армија (ЈНА) фалена како петта воена сила во Европа беше во команден колапс, епидемиолошки заразена со напади од тајни агентури, внатрешни несогласувања, лични нетрпеливости и шпионски афери, со неспособни генерали поставувани по политичка подобност, а не по стручност. Словенија прогласува самостојност. Србите во Хрватска одржуваат референдум по кој прогласуваат српска автономија во рамките на Хрватска. Босна врие, Косово исто, Словенија најавува целосно излегување од Југославија, оттаму заминува армијата. Пред тоа, како најава за војна е крвавата пресметка меѓу навивачите на загрепски Динамо и белградска Црвена звезда на стадионот „Максимир“, по што станува јасно дека распаѓањето на Југославија ќе се одвива експресно и крваво.
Во светот распадот на Источниот блок и на воениот Варшавски договор беше започнат со падот на комунизмот во тие земји, се тресеше и Советскиот Сојуз, кој конечно се распадна кон крајот на 1991 г. Америка и западниот свет беа зафатени со војните на Блискиот Исток, Ирак го напаѓа Кувајт, Американците го нападнаа Ирак, почнува Заливската војна. Нелсон Мандела по 26 години е ослободен од затвор во
Јужноафриканската Република. Во Западна Европа се случува најголемиот историски настан – капиталистичка Западна и социјалистичка Источна Германија повторно се обединуваат во една германска држава, Хелмут Кол е нивниот јунак. Руските војски заминуваат од Германија. Маргарет Тачер, „железната леди“, поднесува оставка на функцијата премиер на Британија.

Првите партии во Македонија

И во Република Македонија почнува нов, поинаков, понеизвесен политички живот. Пролетта и есента 1990 година, тогашниот Извршен совет на Република Македонија, под раководство на Глигорие Гоговски, и македонското собрание донесоа редица законски акти со кои се овозможуваше повеќепартискиот живот, меѓу кои и Закон за формирање на партии, Закон за слободни избори и изборни единици и слично. Во 1990 година се појавуваат партии и нивни лидери. МААК (Движење за семакедонска акција) е првата формирана политичка партија, предводена од поетите Гане Тодоровски и Анте Поповски, потоа Лигата за демократија на Ѓорѓе Марјановиќ, ВМРО-ДПМНЕ со Љупчо Георгиевски, се основа ПДП (Партија за демократски просперитет, прва албанска), СКМ ја приклучи додавката ПДП (Партија за демократска преобразба). Социјалистичкиот сојуз се трансформира во Социјалистичка партија. На сцената се појавија Партијата за целосна еманципација на Ромите со Фаик Абди, СК движење за Југославија, Партијата на Југословените, а блиску пред изборите со назначување на Стојан Андов на чело, се дооформува и Сојузот на реформски сили – Либерална партија, веќе позната како партија на Анте Марковиќ, тогашен претседател на Сојузниот извршен совет. Имаше и низа други, мали партии што ја ширеа демократската палета и ја збогатуваа сцената со разни ликови, денес сосема заборавени.
На 12 август истата година е извршено осветувањето на соборниот храм „Свети Климент“ во Скопје, граден 18 години, по проект на архитектот Славко Брезовски, кога архиепископ беше господин господин Гаврил. Таа година, во негов превод излезе и Светото писмо (Библијата), првпат на македонски јазик во тираж од 10 илјади примероци. На „Валандово фест“ победи Гоце Николовски со песната „Бисер балкански“ (со рефрен: Еееј Македонијо, ти си бисер балкански, делете ја парчете ја, пак ќе биде наша најмила), хит на деценијата, ако не и подолго. Тогаш се разжести спорот за манастирот „Прохор Пчински“ каде што Србите ја исфрлија поставката на АСНОМ, а македонската страна и партиите реагираа бурно. Иако неполитички, по својата природа сите овие настани, проследени со национален набој, беа некаков знак на каде ќе се движи новата македонска политичка ориентација.

ВМРО-ДПМНЕ – победникот што загуби

Во ноември и декември во три изборни термини се одржани првите повеќепартиски избори. Најмногу места освоија фаворитите: ВМРО-ДПМНЕ со 38 освоени мандати, СКМ-ПДП на Петар Гошев 30, ПДП 17, Сојузот на реформски сили 11. ВМРО победи, но всушност загуби затоа што не ја доби власта во онаа форма во која очекуваше. Оттогаш почна новиот демократски, уште во почетокот комплициран политички живот, дотогаш непознат како за старата, така и за новата власт што требаше да ја води Македонија. Наредната, 1991 година почна оформувањето на институциите и поведување на постапките што водеа кон независност. Јануари е политички возбудлив, интересен месец, преполн со настани што го трасираат патот на големите промени. На 8 јануари се одржа конститутивната седница на Собранието, на 25 јануари е усвоена Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, на 27 јануари е избран претседателот Киро Глигоров. Во март е избрана првата таканаречена експертска влада на чие чело застана Никола Кљусев, кој како личност излезе најпогоден меѓу повеќе предлози што ги даваше ВМРО-ДПМНЕ. Во април истата година СКМ-ПДП (Сојуз на комунисти – партија за демократска преобразба) се преименува во Социјалдемократски сојуз и на местото на Гошев дојде Бранко Црвенковски.
Во јуни од името на државата е избришан идеолошкиот предзнак – социјалистичка. На 8 септември е одржан референдум за независност преку прашањето „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. Иако прашањето беше поставено двосмислено, така налагаше ситуацијата, референдумот беше успешен. Тој датум подоцна е прогласен за државен празник и се одбележува како Ден на независноста на Република Македонија. Во ноември пратениците едногласно донесоа Декларација за меѓународно признавање на земјата, а на 20 ноември е прогласен и првиот устав. Низ сите тие акти, за кои имаше големи дискусии, партиски противставувања дури и отворени отпори и јавни демонстрации поради одредени незадоволства, Република Македонија формалноправно се конституира како суверена и независна држава, го заокружи легислативниот дел од својата државотворна конституција.

Новинарството на нови колосеци

Во тој бурен период ја вршев функцијата генерален директор на НИП „Нова Македонија“, најголемата новинско-печатарска куќа во државата. Ги издаваше двата весника на македонски јазик „Нова Македонија“ и „Вечер“, весникот на албански „Флака е Влазеримит“ и „Бирлик“ на турски, весници со долга традиција. „Нова Македонија“ излегуваше во просечни дневни тиражи во нешто над 20 илјади примероци, „Вечер“ со над 40 илјади продадени весници. На 24 јануари 1991 г. излезе првиот број на култниот неделник ПУЛС, кој изврши свое поспецифично влијание врз политичките процеси и врз јавноста, и неделник што поединечно го има забележано највисокиот тираж, рекорден за еден број во однос на сите други неделници, пред тоа и потоа. Тоа беше време кога и страниците на весниците се ослободуваа од некои дотогашни стеги, кога уредувачките политики претендираа кон поголема слобода на изразувањето и воведување демократски принципи во општеството. Се отвораа многу „табу-теми“, немаше веќе проскрибирани личности, се отворија две-три страници за писма на читателите. Новинарството и новинарите, иако се најдоа во поинаква политичко-општествена ситуација, одлично се снајдоа. Во редакциите, како и во општеството, завладеаја полетност, иницијативност, ангажираност, се разбира со нужна уредувачка внимателност, па во одредени ситуации, со блага цензура за непроверени вести, изјави или лажни настани. А такви подметнувања и фабрикувања имаше, не да немаше.

Во таква атмосфера уште со самото формирање на партиите, а особено по првите повеќепартиски избори, почнаа во јавноста да се шират претпоставки или шпекулации, кои лица на кои функции би биле избрани или назначувани. Од ден на ден се пушташе понекоја вест – овој ваму, оној таму, нешто точно, што полуточно, многу неточно. Не беше мал бројот на оние што преку партиски канали, преку пријатели и новинари сами си ги наметнуваа своите имиња како можни избраници. Се лицитираа имиња на кандидати за претседател на државата, за претседател на Владата, за министри за поважните ресори. Тие усно народни листи, што се пренесуваа како бајки, почнаа да се стеснуваат откако новоформираните партии ги зацврстија своите позиции преку одржаните избори и добиените пратенички мандати. Всушност оттогаш почнаа и политичкото договарање и коалицирање, што народот со свој јазик и до денес го нарекува – политичко пазарење.

(продолжува)
Утре: Кој ќе биде претседател: митрополитот Михаил или Блаже Ристовски?

[email protected]