Германската канцеларка Ангела Меркел во јавноста повторно лансира нова идеја за реформи во Европската Унија (ЕУ). Овој пат станува збор за формирање тело слично на Советот за безбедност при Обединетите нации (ООН), кое во доменот на надворешната политика на ЕУ би имало поголеми ингеренции, а би било пооперативно, поефикасно и побрзо во донесувањето и спроведувањето на одлуките. Зошто токму вакво тело и зошто токму сега?

Ново тело за новата стратегија на ЕУ заради зајакнување на Унијата како глобален фактор

Германската канцеларка Ангела Меркел се заложи за реорганизација на службата за надворешни работи на ЕУ. Нејзиниот предлог е воспоставување „ротирачки“ совет за безбедност (СБ на ЕУ). Германската канцеларка сака на овој начин да го подобри капацитетот за дејствување на ЕУ на полето на надворешната политика, а нејзината цел е Брисел да добие можност за побрза и поефикасна реакција. Од друга страна, на таа идеја голем дел од европските аналитичари и политичари гледаат со скептицизам. Германската канцеларка овој пат е многу сериозна при што јавно и гласно повика од баварскиот град Отобојерн.

– Повикувам на воспоставување европски совет за безбедност со ротирачко членство, во кој би можеле брзо да дејствуваме – порача Меркел на политичкиот собир посветен на ЕУ, во споменатиот баварски град.

Според неа, заедничката европска надворешна политика, која се базира на едногласност, би можела да претставува решение за иднината. Таа изјави дека политиката со која се санкционира Русија била воспоставена „со тешка мака“. Исто така, таа наведе дека постојат големи нијанси помеѓу земјите-членки на ЕУ кога станува збор за политиката кон САД.

СБ на ЕУ и системот на ротација

Германскиот деловен весник „Ханделсблат“ оцени дека „оваа идеја би можела да биде контроверзна“ и наедно потсети дека станува збор за решение што и порано било предлагано. Весникот објаснува дека системот на ротација би подразбирал две варијанти – големите земји-членки постојано да имаат свои претставници во Советот за безбедност, додека помалите членки би ротирале по утврден редослед или, пак, дури и големите европски држави, како Франција и Германија, повремено делумно „да им биде одземена“ можноста за изјаснување во врска со надворешната политика на европскиот блок. Стефан Лене, експерт за европски прашања во фондацијата „Карнеги“ во Брисел, изјави дека Меркел повеќепати излегувала со ваков предлог, истакнувајќи дека речиси ниедна од другите држави-членки на Унијата немала коментар за него.

– Многу ми е тешко да го замислам остварувањето на оваа идеја. Ваквиот предлог не може да се реализира без измени во спогодбата, а тоа не е реално да се случи во наредниве години – наведува Лене. Истражувачот од Центарот за безбедносна политика во Белград, Бојан Елек, смета дека Европската Унија веќе долго време се обидува да обезбеди единствено и поефикасно дејствување во рамките на својата заедничка надворешна и безбедносна политика, имајќи предвид дека „станува збор за домен во кој сѐ уште е неопходно да се постигне едногласна одлука на сите земји-членки“.

– Ова е само еден дел од пошироката стратегија за зајакнување на ЕУ како глобален актер, кој би имал единствена надворешна политика и поголема можност за влијание врз светските случувања. Германија е предводник на оваа иницијатива, имајќи на ум дека канцеларката Меркел веќе имаше предлог за координирани настапи на државите-членки на ЕУ во рамките на Советот за безбедност на ОН, така што Унијата и како целина би имала свое место во оваа организација. По брегзит, Франција останува единствена членка на ЕУ, која е постојан член на Советот за безбедност на ОН, а тоа секако ќе ја ослаби можноста на Унијата да влијае на глобалните случувања. Оттука, предлозите што одат во прилог на зајакнување на надворешнополитичката стабилност на ЕУ, пред сѐ за усогласување ставови и забрзано реагирање, треба да бидат добредојдени во миговите кога целиот континент се соочува со сериозни предизвици – наведува Елек.

Пораст на популизмот и на евроскептицизмот

Тој појаснува дека оваа идеја се појавила во јуни 2018 година, во рамките на владините консултации помеѓу Германија и Франција, „што покажува дека таа ја има поддршката од двете големи европски членки, па затоа може да се очекува обезбедување и поширока согласност од страна на другите држави“.

– Сепак, мала е веројатноста дека зад оваа идеја ќе застанат сите земји-членки, во период кога ЕУ е ослабена заради брегзит и порастот на внатрешен популизам и евроскептицизам, како и заради нестабилноста и оружените конфликти во непосредното соседство. Од друга страна, досегашниот цврст и единствен став на европските членки во текот на преговорите околу брегзит би можел да се толкува како знак за посилно единство во рамките на Унијата, што секако би можело да се одрази и во сферата на надворешната политика. Според тоа, една толку голема промена, каква што е онаа во решавањето за надворешната и безбедносна политика секако не е нешто што може да се очекува на краток или среден рок. Таа дефинитивно нема да се случи пред излезот на Велика Британија од ЕУ, сигурно нема да се реализира пред новите пролетни европски избори, но може да очекуваме таа да стапи на сцена за време на тековниот, а најверојатно и последниот мандат на канцеларката Меркел – наведува Елек.

На собирот во Отобојерн, германската канцеларка исто така упати остри критики за неодамнешното обраќање на претседателот на САД, Доналд Трамп, во рамките на Генералното собрание на ОН. Таа ги окарактеризира како „опасни“ нападите на Трамп кон светската организација. Порача дека за разлика од нејзините ставови, Трамп не го смета мултилатерализмот за најдобро решение. Се наведува и дека Меркел го предупредила Трамп да престане со нападите врз ОН.

– Сметам дека е многу опасно да уништите нешто, без притоа да не се развие нешто друго – изјави германската канцеларка. Претходно, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер предложи укинување на обврската за едногласно усвојување на одлуките во Брисел, кои се однесуваат на надворешната политика на Унијата.
Н.Р.