Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија денеска треба да одржат состанок на кој, меѓу другото, треба да се расправа и за процесот на проширување на Унијата и од кој Македонија не очекува некаков исчекор во насока на одредување датум за почеток на пристапните преговори.
Земјава е блокирана на својот евроинтегративен пат од страна на Бугарија, која отстранувањето на ветото го условува со исполнување на барањата на Софија поврзани со јазикот, идентитетот и историјата на македонскиот народ.
– Сите се свесни колку е важен 14 декември, но не само 14-ти, бидејќи и до 31 декември словенечкото претседателство, доколку добие сигнал од Бугарија дека го подигнува ветото дури и на 30 декември, може словенечкиот министер за надворешни работи да свика онлајн состанок на министрите и да се одобри и истиот ден да се одржи меѓувладината конференција. Важно е да ги држиме роковите кратки. Мојот страв е дека доколку овој спор премине во замрзнат конфликт, Република Северна Македонија ќе стане изолирана во европските перспективи – порача шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Сепак, очекувањата од македонска страна се дека е можен пробив на блокадата по формирањето на новата бугарска влада, откако мандатарот Кирил Петков најави нов пристап во преговорите меѓу двете земји.
Министрите на ЕУ денеска треба да ја потврдат европската заложба за нераздвојување на Македонија и Албанија во пристапниот процес, по иницијативите од бугарска страна двете земји да бидат раздвоени и Тирана сама да ги почне преговорите кон крајот на оваа година.
Состанокот на министрите на ЕУ е подготовка на Европскиот совет што треба да се одржи на 16 декември. С.Т.