Вчера до попладневните часови, односно и нешто по 16 часот, не беше почната собраниската седница за уставните амандмани, која првично беше најавена за 12 часот. Пленарната сала во текот на денот беше речиси празна, а од собраниските служби засега нема официјална информација кога ќе продолжи седницата. Неофицијално, низ кулоарите можеа да се слушнат и коментари дека пратениците чекаат да се стемни, па ќе се соберат во салата.

Според партиски извори, во меѓувреме продолжуваат разговорите за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за изгласување на измените на Уставот.
– Разговорите и преговорите се во тек. Се обидуваме да направиме инклузивен процес. Јас сум оптимист – изјави вчера вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, коментирајќи ги барањата на Беса за уставните измени, за чија финална фаза треба да продолжи расправата во парламентот.

Овој процес, нагласи Османи, е неповратен и не верувам дека динамиката за негова имплементација ќе може да се измести.
– Се обидуваме да го направиме колку што е можно поинклузивен и попартиципативен – наведе Османи.
Во меѓувреме, додека во Собранието траеја преговорите, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ свика состанок на ИК за уставните измени и за натамошното дејствување

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев пред состанокот изјави дека е повикана целата пратеничка група. Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти работата во Собранието, Јанушев рече дека ќе биде преиспитано нивното идно дејствување во институциите.

– Ќе ја следиме состојба во текот на денешниот ден, секако и следните денови, и врз основа на тоа ќе донесеме одлуки и заклучоци за нашето понатамошно дејствување, за што благовремено ќе биде информирана целокупната македонска јавност – рече Јанушев.

На новинарско прашање дали имаат најави дека се вршат некакви преговори со дел од нивните пратеници, Јанушев рече дека она што го знаат во моментов е оти се прават обиди на најгруб можен начин да се изигра правото, правната држава и можноста за слободно одлучување на пратениците.

– Тоа го видовме и бевме сведоци и на 19 октомври, приказната ни се повторува. Да почекаме, да не подлегнуваме на шпекулации и дезинформации и да видиме како ќе се одвиваат работите во текот на денешниот и следните денови – рече Јанушев.
Со свој коментар вчера се јави и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој очекува пратениците во Собранието на РМ да имаат капацитет да донесат важна одлука за иднината на државата.

– Македонската јавност треба да знае оти 27 април не може да се повтори во ниту еден момент. Граѓаните треба да бидат безбедни, институциите функционираат и секој, без разлика дали е член на политичка партија, дали е граѓанин, кој има намера да учествува повторно во нарушувањето на уставниот поредок на Република Македонија, му упатувам порака да се откаже од таквата намера, бидејќи ние сме цврсто решени да се чува уставниот поредок и да се зачуваат институциите на системот – порача Спасовски од Радовиш.

На новинарско прашање каков е неговиот став доколку не поминат уставните амандмани и дали претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ќе поднесе оставка, Спасовски рече дека ќе успеат во оваа битка, бидејќи таа е многу важна за иднината на Република Македонија и ќе продолжат многу цврсто понатаму во развојот на државата.