Делегација на Собранието ќе учествува на 141-то Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што ќе се одржи од денеска до 17 октомври во Белград.

Делегацијата ја сочинуваат: Талат Џафери, претседател на Собранието и шеф на Делегацијата, Јован Митрески, Диме Велковски, Агим Шаќири, Димитар Стевананџија, и Јулиана Николова, членови на Делегацијата и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието на Република Македонија. Се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.700 претставници од над 140 земји членки на Унијата, како и повеќе од 70 претседатели на парламенти.

Главна тема за дискусија на 141-то Собрание на ИПУ е „Зајакнување на меѓународното право: парламентарни улоги и механизми и придонесот за регионална соработка“. Комисиите на ИПУ ќе дискутираат за бројни прашања од нивната надлежност, меѓу кои: парламентарни стратегии за зајакнување на мирот и безбедноста во пресрет на предизвиците и конфликтите што произлегуваат од климатските катастрофи и нивните последици; актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на Целите за одржлив развој, одговорна потрошувачка и производство; постигнување на универзално здравствено покривање до 2030 година – улогата на парламетите за гарантирање на правото на здравје; криминализација на перењето на пари; унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на моќта на младите и сл.

Во рамките на 141-то Собрание ќе биде одбележана 130-годишнината од формирањето на Интерпарламентарната унија и 70-годишнината од Женевските конвенции. Седници ќе одржат „Форумот на жени парламентарки“, „Форумот на млади парламентарци“ и „Здружението на генерални секретари на парламенти“, а предвидени се и бројни билатерални средби на членовите на Делегацијата на Собранието на Македонија.

Интерпарламе­н­тарната унија е светска организација на парламентите. Основана е пред 130 години како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Во организацијата денес членуваат 179 национални парламенти и 12 меѓународни парла­мен­­­тарни собранија. ИПУ ја промовира демократијата и им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни и родово балансирани. Собранијата на ИПУ се одржуваат два пати во годината, обезбедувајќи на тој начин парламентарна димензија на глобалното управување, вклучително и на работата на Обединетите нации и спроведувањето на Агендата за одржлив развој 2030 година.