Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, со пет гласа „за“, донесе одлука дека пратеникот Никола Груевски е недостоен за вршење на пратеничката функција и му предложи на Собранието да му го одземе мандатот. Конечната одлука за одземање на мандатот, сепак, се носи со гласање на двотретинско мнозинство од парламентарниот состав на првата наредна пленарна седница.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, всушност, го прифати барањето на судот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“, кој го водеше Специјалното јавно обвинителство.

На гласањето не присуствуваа членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие дојдоа на комисијата, но по искажаните забелешки на Трајко Велјаноски дека се води политички, а не правен процес, ја напуштија седницата.

Претседателот на комисијата, Павле Богоевски, пак, кажа дека тој е за одземање на мандатот на Груевски, бидејќи делата што му се ставаат на товар го прават недостоен за вршење на пратеничката функција. На седницата беше поканет и Груевски, но не присуствуваше, бидејќи е на судење за предметот „Титаник“.

Неизвесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат „за“, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска се изјасни дека нема да гласа.