Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања попладнево го прифати со пет гласа „за“ и четири „против“ барањето за одобрување притвор за пратеникот Љупчо Димовски, поднесено од скопскиот Кривичен суд, и му предлага на Собранието на Република Македонија да го одобри.

Во рамки на расправата, пратеникот Павле Богоевски, кој е и претседател на Комисијата, рече дека седницата е закажана денеска бидејќи согласно деловникот имаат рок од два дена да достават известување до претседателот на Собранието. Комисијата, како што рече, не праќа во притвор никого, туку тоа го прави судот, кој носи одлука дали некој оди во притвор.

-Нашето гласање не е гласање за тоа дека некој колега го ставаме во притвор. Собранието е должно да постапи по барање на судот, а со нашето гласање дозволуваме судот да одлучува – рече Богоевски, додавајќи дека смета дека се исполнети условите за да се донесе одлуката.

Хари Локвенец од СДСМ рече да се даде можност на судската власт слободно да одлучува.
– Ќе има правда и ќе има мир кога ќе престанете да ја спречувате судската власт да работи – им порача Локвенец на опозициските пратениците.

Според Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ, треба да му се овозможи на судот да одлучува дали има елементи или нема за да биде одредена мерката притвор.

-Тешка задача да се одземе имунитет на пратеник, Дали оваа говорница треба да ја претвориме во суд и да одлучуваме дали е виновен или не. Ние одлучуваме само за одземање на имунитетот – рече Калевска-Ванчева.

Пратениците од опозицијата повикаа на човечност и совест, и да не се постапи по барањето. Сметаат дека со тоа се врши одмазда врз пратеникот, бидејќи не гласал за уставните измени. Не сметаат дека се исполнети условите и дека треба да му се дозволи на Димовски да ја докаже невиноста пред судот.

-Ова е осми пат како се бара симнување имунитет на пратеник од оваа власт. Навистина е тешко да се биде пратеник во Собранието – рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи на пратениците од мнозинството да размислат дали ова што се прави денеска е добро како пракса да продолжи.

Според него, нема услови за одземање на имунитетот, бидејќи не се исполнети условите. Не смета дека постои опасност да избега и да го повтори делото бидејќи не е повеќе министер.

Тој како и повеќе негови сопартијци побараа тој да ја докаже својата невиност во судски процес, а дел од нив посочија дека ова е уцена.

– Ова е одмазда кон Љупчо Димовски кој не гласаше за уставните измени – рече Влатко Ѓорчев.

Неговата сопартијка Благица Ласовска истакна дека нема правда, нема мир и дека ова е одмаза од власта кон опозциијата што трае и ќе трае.

Во расправата се вклучи и Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ, на која претходно за друга судска постапка и беше одземен имунитетот и посака на никого тоа да не му се случи.

Побара да не му се одземе имунитетот на Димовски и да му се даде можност достоинствено да се брани.

Одлуката за прифаќање на барањето на судот за Димовски Собранието треба да ја донесе од понеделник на пленарна седница.

Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.