Собранието на Република Македонија ќе формира Координативно тело за спроведување на референдумот на државно ниво на 30 септември и водење на јавна кампања.

Ова е еден од заклучоците донесени на денешната координативна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со првите луѓе на пратеничките групи на која присуствуваа и потпретседателите на Собранието и претставник на Владата.

Со Координативното тело ќе раководи Џафери, а негови членови ќе бидат потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

Собранието ќе им даде можност, како што информираат, на сите пратеници кои се „за“, „против“ или за „бојкот“ на референдумот, пропорционално според изјаснувањето да бидат застапени и да можат да ги изразат своите ставови и аргументи пред јавноста.

Собранието исто така денеска со допис ќе се обрати до Владата од каде ќе побара средства за спроведување на јавната кампања за што ќе отвори посебна сметка.

И на денешната координација не присуствуваше претставник на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ. Од кабинетот на Џафери посочуваат дека тој денеска ќе контактира со нив за постигнување можен договор за водење јавна пропаганда за референдумот.