Фото: Игор Бансколиев

Собранието се очекува денеска да ја избере преодната влада во пресрет на предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април, според договорот на лидерите на политичките партии. Техничката влада треба да биде избрана до полноќ, а веќе од утре да почне со работа, со цел за организирање на демократски избори. Техничка влада се формира на сто дена пред избори.

Техничката Влада ќе ја предводи досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Досегашната министерка за труд и социјална политика, Мила Цароска, ќе биде нов вицепремиер за економски прашања на местото на Кочо Анѓушев, кој си поднесе оставка.

Вчера беше прифатен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев да биде техничкиот министер за внатрешни работи.

Рашела Мизрахи ќе биде министерка за труд и социјала, Цветан Трипуновски беше предложен за заменик министер за земјоделие, Гордана Димитриеска Кочоска за заменичка министерка за финансии и Невенка Стаменковска Стојковски за заменичка министерка за информатичко општество и администрација.

Санела Шкриељ, шефица на кабинетот на Царовска, ќе биде дополнителен заменик-министер за труд и социјална политика, додека Славјанка Петровска, која е шефица на кабинетот на Оливер Спасовски во техничката влада, ќе била поставена на функцијата дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.

Техничката влада се избира со просто мнозинство. Ова ќе биде втора преодна влада пред одржување предвремени парламентарни избори. Прв премиер во преодната влада беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ.