Собранието со 101 глас „за“, без ниту еден „воздржан“ глас и „против“ ја избра новата техничка Влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април согласно договорот на политичките партии. Премиер во техничката Влада е Оливер Спасовски.

– Ве уверувам дека како влада ќе ги преземеме сите неопходни мерки, ќе имаме конекција со сите релевантни институции за организација на предвремените парламентарни избори. Апелирам до опозицијата, да се одважи и да биде дел од овој процес, да се тргнат сите флоскули на политиканство и да испорачаме резултати кои не смеат да бидат ни милиметар помалку од успешен изборен циклус – порача во експозето мандатарот на новата техничка влада, Оливер Спасовски, истакнувајќи дека во периодот којшто претстои ќе треба да се организираат фер и демократски избори.

Според Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, Владата во периодот до изборот на следната политичка влада за свои стратешки приоритети ги потврдува успешното организирање слободни фер и демократски предвремени парламентарни избори, полноправното членство во НАТО, успешното започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ, развојот на економијата, зголемувањето на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, реформите во правосудството, целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор и градењето на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, намалување на аерозагадувањето, одлучната и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнењето на владеењето на правото преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа и реформите во образованието и инвестирање во иновации и информатика технологија.

Новата техничка Влада е избрана откако премиерот Зоран Заев изутринава  поднесе оставка, по што претседателот Стево Пендаровски му го предаде мандатот на Спасовски за состав на новата преодна влада.

На местото на Кочо Анѓушев, кој поднесе оставка, вицепремиер за економски прашања ќе биде Мила Царовска, која беше министерка за труд и социјална политика. Министер за внатрешни работи во техничката Влада е Наќе Чулев, а министер за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија предложи и дополнителни заменици министри во земјоделство, информатичко општество и администрација и во финансии. СДСМ предложи дополнителни заменици министри во министерствата за внатрешни работи и во труд и социјална политика. Замениците министри ќе бидат избрани на нова седница.