Поминаа десетина дена од завршувањето на претседателските избори, новиот претседател на државата Стево Пендаровски веќе е инаугуриран и, според претходните најави, очекувањата на јавноста беа сиот политички фокус во земјава да биде насочен кон исполнување на препораките (условите) за добивање позитивен извештај за реформскиот процес од страна на Европската комисија на 29 мај. Во практиката тоа подразбира работа на Собранието и максимално користење барем на преостанатиот период за изгласување на реформските закони. Меѓутоа, во деновите по завршувањето на изборниот процес, впечатокот во јавноста е дека работата на Собранието е некако ставена во лер и не се покажува ентузијазам во работата на пратениците, барем во насока на донесување на таквите закони.

– Денеска е закажана седница во Собранието на која треба да се прегласува дел од заостанатите закони, за кои не ги потпиша указите претходниот претседател Ѓорге Иванов, па не можеа да стапат во сила. Такви беа триесетина закони, некои од нив беа прегласани, а денеска треба повторно да се гласа барем уште за три закони, меѓу кои се и оној за Судскиот совет и за инспекциски надзор – вели Цветанка Иванова, генералната секретарка на Собранието.
Сепак, освен законите што веќе се вратени на прегласување во Собранието, и понатаму како најголем реформски предизвик остануваат законите што треба да го предефинираат правосудството, а кои во моментов се заглавени во постигнувањето меѓупартиски консензус околу законот за јавното обвинителство, во чии рамки треба да се одреди понатамошниот статус (и постоење) на специјалното јавно обвинителство.

– Кога ќе завршат политичките договори за одредени закони, ние како Собрание сме подготвени веднаш да ги ставиме во собраниска процедура. Ако успее политичкиот дијалог и ако навремено биде постигнат консензус, уверена сум дека во спроведување на собраниската процедура за нивно усвојување ќе успееме да го запазиме рокот пред добивањето на извештајот од ЕК за напредокот на земјава во реформските процеси – вели генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Во однос на закон за јавното обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО, премиерот Зоран Заев рече дека ќе одржи состаноци во Министерството за правда за да ги добие последните сублимати за работните средби. Тој изјави дека целта е навремено да се заврши процесот, а ако има напредок, може да биде одржана и лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Ако се случат одредени исчекори во делот на преговарањето, ние лидерите на двете политички партии би оствариле лидерска средба за конечно заокружување на законот. Сакаме да постигнеме консензус и за овој закон. Овде имаме и политички одлуки што треба да ги донесеме, затоа и ќе треба лидерска средба за законот за јавно обвинителство – изјави Заев.

Навидум, работата на Собранието е условена од политичките усогласувања околу одредени закони. И покрај декларативната заложба за итно носење на реформските закони, работата на Собранието како да е ставена во лер.