Фото: Дарко Андоновски

Во следните шеесетина дена во Собранието ќе трае процесот за измена на Уставот со четирите амандмани, кои Владата минатата недела ги достави до Собранието. Според најавите, седницата за нацрт-амандманите за промена на Уставот во согласност со договорот од Преспа, кои Владата ги објави, ќе се одржи на 1 декември, како што стои на интернет-страницата на Собранието. Претходно, на 7 ноември т.е. неделава, нацрт-амандманите треба да се најдат пред пратениците, членови на Комисијата за уставни прашања. Сега, според процедурите, во Собранието треба да почне претресот што се води за секој амандман одделно и може да трае најмногу три работни дена за секој амандман одделно. Дебатите во Законодавноправната комисија и во Уставната комисија, каде што ќе се води расправата, се временски ограничени, а гласањето се одвива исто така за секој амандман одделно. За второто гласање, кога ќе се утврдува нивниот конечен текст и тие место нацрт ќе станат амандмани е потребно обично мнозинство. Пратениците, како што изјави Заев, имаат право во дебатата да додадат амандман на оние што се предложени од Владата, но не и нови амандмани. Ако поминат потоа се оди на јавна дискусија, за која рокот го определува Собранието.

По нејзиното завршување сите заедно, текстот на амандманите и извештајот од јавната дискусија, предлагачот ги доставува до претседателот на Собранието, до претседателот на државата, но најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието. Во следната фаза повторно предлозите влегуваат во собраниска дебата. На нивниот текст предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот. Потоа сѐ се враќа во двете комисии, кои имаат, пак, по три дена за секој амандман. На крајот гласањето се одвива на пленарна седница и пак е потребно двотретинско мнозинство.

Инаку, како што беше и претходно најавено, во нацрт-амандманите се вградени обврските што произлегуваат од договорот од Преспа, а дополнително е внесен и Охридскиот рамковен договор. Тој и одлуките на АСНОМ, кои се заменуваат со прогласот од Првото заседание, Владата предлага да бидат дел од преамбулата на Уставот, изјави изминатата недела премиерот Зоран Заев.

– Делот од АСНОМ се осврнува на прогласот наместо на одлуките од АСНОМ заради тоа што би предизвикувало одредени проблеми тоа ако остане во можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција бидејќи во дел од одлуките на АСНОМ се вели – Македонци од Грција и од Бугарија, обединете се! Тоа не е пријателство – рече Заев. Амандманите, како што истакна премиерот, се подготвени во консултации со осумте члена на новата пратеничка група, но и со други пратеници. Од нив го спомена само името на пратеникот од ГРОМ Панчо Минов, а другите, како што рече, не сакал да ги спомене оти учествувале во дебатата, но не се знаело дали ќе останеле „за“ поддршката на уставните амандмани.

Во меѓувреме амандманите на Владата и нивната содржина предизвикаа мноштво реакции како на домашната политичка сцена така и надвор. Грчкиот претседател изрази резервираност во врска со членот 36 во кој, во согласност со измените на уставните амандмани, останува терминот „Македонија“, пишува грчки „Катимерини“. Павлопулос инсистира македонската страна писмено да се обврзе дека наместо македонски народ ќе го користи терминот македонско државјанство. Според Катимерини, тој има забелешки во делот за македонската дијаспора каде што се вели дека републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ што живеат во странство. Грчките интернет-портали како ударна вест објавија дека Македонија го почна процесот за промена на името.

Се пренесува дека македонската влада ги изработила нацрт-амандманите за промена на Уставот со кои терминот „Македонија“ се заменува со „Северна Македонија“, но и тие истакнуваат дека исклучок ќе биде членот 36. „Ефемерида“ објаснува дека станува збор за член со историска конотација, кој се однесува на ветераните од Втората светска војна.

„Прототема“, пак, на насловната го третира скандалот со средношколците што биле исфрлени од училиште бидејќи на парадата во Солун ја пееле борбената песна „Славна Македонија“. Училишниот одбор на гимназијата во Геракас одлучил да ги истера шестемина ученици поради нивното однесување на церемонија на 28 октомври во Солун. Два дена пред парадата наставниците стриктно им забраниле на учениците да ја пеат песната, но тие не послушале, со образложение дека тоа е нивно патриотско право. Во целиот случај се замешаа и политичарите од редовите на Нова демократија, кои ветија дека ќе извршат притисок врз министерот за образование и врз парламентот оваа одлука на училиштето да не се спроведе.