Фото: Дарко Андоновски

Во кратката дебата пред донесување на одлуката за распишување на референдумот спротивставени ставови изнесоа претставниците од власта и од опозицијата

Со 68 гласа „за“, ниту еден „против“ и без воздржани вчера Собранието на Република Македонија донесе одлука за распишување референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат по прашањето, кое ќе гласи „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот со Грција“. Референдумот ќе се одржи на 30 септември и ќе биде со консултативен карактер.
За време на гласањето, во Собранието не беа пратениците на опозицијата, кои претходно поднесоа два амандмана, кои не беа прифатени.
По отворањето на општата расправа, прв зеде збор пратеникот од СДСМ Томислав Тунтев.

Тој во своето излагање истакна дека во овие моменти во Собранието на Република Македонија се испишува историјата.
– Пред нас е една историска одлука, која треба да им обезбеди иднина на нашата држава, на нашите деца, на идните генерации. Тоа е иднина што ја посакувале и ја посакуваат генерации и генерации луѓе на оваа наша држава – рече Тунтев.
На ова излагање реагираше пратеникот Никола Мицевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој од говорница рече дека власта спроведува самоволие, дека целата оваа постапка е противзаконска, а референдумското прашање е манипулативно и противуставно.
Според него, вака поставеното прашање ќе бара три ливчиња, бидејќи, според законот, секое прашање треба да стои на посебно ливче.

– Ги наведувате граѓаните. Она што не го сакаат договорот со Грција, го идентификувате со влез во ЕУ и НАТО, што е сон на секој граѓанин. Брутално ја кршите демократската практика – порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претставникот на Беса и на ДУИ го поддржаа одржувањето на референдумот на 30 септември, додека претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, истакна дека референдумот не е потребен.
Претходно генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во изјава пред Собранието го обвини парламентарното мнозинство дека продолжува со, како што рече, самоволието, и тоа за најважното прашање, референдумот за спогодбата за името.

– Свесни дека договорот е штетен, се обидуваат насила да протуркаат повеќесмислено прашање, без да ги земат предвид аргументите на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не прифати да биде алиби на власта и единствено декор. Прашањето мора да биде прецизно и недвосмислено, за да можат граѓаните да одговорат „за“ или „против“ – изјави Јанушев.

Според него, референдумското прашање што го предлага власта „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р. Македонија и Р. Грција“, за ВМРО-ДПМНЕ е „спротивно на законот, двосмислено и манипулативно“.
– Тоа е исто како да поставите прашање дали сте за 500 евра просечна плата за секое семејство и 1.500 евра плата за докторите со поддршка на криминалната афера со иновациите? Ова е најдобар доказ дека власта е исплашена од тоа дека договорот со Грција не поминува кај народот и дека власта сака да изманипулира со народот и да го протне капитулантскиот договор, неосновано поврзувајќи го со членство во ЕУ и во НАТО – изјави Јанушев пред Собранието.
За евентуален бојкот на референдумот, рече Јанушев, ќе одлучуваат највисоките партиски органи и јавноста ќе биде информирана.

– СДСМ сака да протне договор за капитулација. Бараме парламентарното мнозинство да се откаже од ваквото однесување. Заев и СДСМ имаат одговорност за антидржавниот и капитулантски договор – изјави Јанушев.
Во контекст на актуелните случувања, во јавноста вчера се огласи и премиерот Зоран Заев, кој од Куманово ја повика опозицијата да ја поддржи иницијативата за одржување референдум и да ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање, за да не испушти Македонија историската шанса да биде дел од големото европско семејство и успешно да ги заврши евроинтегративните процеси.

– Знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам можноста да ја повикам опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го искажат својот глас. Знаете дека ова е историска одлука не само затоа што е референдумска туку затоа што преку неа се дефинира иднината на нашата Република Македонија. Од тој аспект, сите сме должни како чинители на ова општество, како луѓе што нѐ поставиле граѓаните, да овозможиме максимални услови за доволно да биде мотивиран нашиот народ да излезе да гласа и да даде, секако, поддршка за конечно овие 27-годишни аспирации на нашата земја, а тоа е членството во НАТО и во ЕУ да го заокружиме. Јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат и знам дека ќе успее Македонија – изјави Заев.

Тој потврди дека референдумот треба да се одржи на 30 септември, како и тоа дека мнозинството пратеници ќе стават свој потпис за почнување на иницијативата за распишување на референдумот.
– Прашањето е тоа што го објавивме: „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“ – додаде Заев.

Дополнително на својот фејсбук-профил премиерот во пресрет на распишување на референдумот испрати порака во која вели дека договорот со Грција го гарантира македонскиот идентитет.

– Нашиот јазик е македонски, културата е македонска. Според членот 7 од македонско-грчкиот договор, македонскиот идентитет ги отсликува нашата територија, јазик, народ, со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство. Македонскиот јазик е потврден – идентитетот е зачуван – пишува Заев и од профилот го линкува договорот објавен на сајтот на Владата.


Членовите на ДИК положија заклетва

Со потпишување свечени изјави, вчера и официјално стапија на функција новоизбраните членови на Државната изборна комисија (ДИК). Новиот состав ќе има мандат да го организира референдумот за името што треба да се спроведе наесен. Претседател на комисијата е Оливер Дерковски, потпретседател е Дитмире Шеху, а членови се Елизабета Постоловска, Борис Кондарко, Јанаке Витановски, Радица Ристеска и Енвер Салиу.

Првиот човек на комисијата, Дерковски, изјави за медиумите дека како комисија, почитувајќи ги законите и Уставот на Македонија, ќе постапат и ќе направат сѐ што е во нивна надлежност за да успее организирањето на референдумот.
– Го гледате составот, тоа се искусни луѓе во својата работа, повеќето од нив поранешни членови на ДИК, така што сметам дека на дадената задача ќе одговориме одговорно, почитувајќи ги законите и Уставот. Ние како ДИК ќе направиме сè што е во наша надлежност за да успее зададената задача – организирање на референдумот – изјави Дерковски по свечената заклетва.


Третпат одложен отчетот на Димитров

Министерот за надворешни работи Никола Димитров ниту вчера не го даде своето излагање пред пратениците на Комисијата за надворешна политика.
Според најавите, третото продолжение на оваа седница, кое требаше да започне во понеделникот, беше одложено за среда.
Како што информираат собраниските служби, седницата се презакажува поради одредени собраниски обврски поврзани со координацијата на пратеничката група, во врска со најавената пленарна седница за утврдување на референдумското прашање во однос на спогодбата меѓу Република Македонија и Република Грција.
Претходно седницата на оваа комисија беше одложувана затоа што претседателот на комисијата, Антонио Милошоски, бараше до пратениците да се достават класифицирани информации испратени од кабинетот на Иванов, во врска со две лидерски средби меѓу државниот врв во вилата „Водно“.