Со 91 глас „за” и без воздржани и „против”, пратениците го изгласаа Законот за Агенција за национална безбедност. За законот, со кој практично се става клуч на вратата на УБК, се согласија и власта и опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека издејствувале да им бидат прифатени 60-на амандмани кои се однесувале на јакнење на парламентарниот надзор, меѓу кои, како што истакна Емил Димитриев, претседател на една од надзорните собраниски комисии, издејствувале да нема повеќе тајни фондови на тајните служби. А, заслуга на ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа тој, е и предлогот за полиграфско тестирање за вработените во Агенцијата, како и увид во Комисијата за селекција на кадри, каде ќе членуваат двајца пратеници. Тоа, според Димитриев, не значи партизирање, туку набљудување на процесот, бидејќи пратениците ќе немаат право на глас.

Дел од пратениците од СДСМ сметаат дека законското решение е добро и квалитетно, додека пратеничката Фросина Ременски потенцира дека имало можност за подобра безбедносна реформа. Таа предложи 30-на амандмани од кои поголем дел беа отфрлени од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.