Фото: Игор Бансколиев

Пандемијата одминува, проблемите во парламентот остануваат

Иако веќе одамна нема заразени народни избраници со ковид-19, завршија нивната вакцинација и ревакцинација, а власта и опозицијата постигнаа и начелен договор за деблокада на Собранието, работата никако да тргне и парламентот да профункционира со полн капацитет и интензитет. Парламентарците сега најавуваат редовен колективен одмор, додека мноштво закони од интерес за државата и граѓаните чекаат да дојдат на дневен ред. Наспроти пандемијата на ковид-19, досегашното функционирање на овој парламентарен состав граѓаните го оценуваат како незадоволително, пред сѐ, поради незаинтересираноста на самите пратеници да ги решаваат проблемите

Ќе се врати ли Собранието во нормален ритам на функционирање, има ли волја и капацитет за подинамично темпо на работа со оглед на предизвиците пред кои е исправена државата и со цел остварување на очекувањата и интересите на граѓаните?
Сите овие прашања и натаму остануваат отворени, иако веќе нема заразени народни избраници со ковид-19, завршија нивната вакцинација и ревакцинација, а истовремено власта и опозицијата постигнаа начелен договор за деблокада на Собранието.

Иако од минатата недела парламентарните заседанија се одржуваат во пленарната сала и нема проблем со кворумот, сепак во практика работата на парламентот оди бавно. На што се должи тоа и можно ли е, сепак, пред летните одмори да има интензивирање на активностите или повторно овој пат под превезот на одморите ќе има нов застој?

Граѓаните што ги гласале пратениците очекуваат тие да работат за нивните, а не за партиските интереси. Сметаат дека носењето закони што се во функција на подобар живот на граѓаните треба да имаат приоритет и да не бидат блокирани поради партиски агенди. Досегашното функционирање на овој парламент граѓаните го оценуваат како незадоволително, пред сѐ, поради незаинтересираноста на самите пратеници да ги решаваат проблемите, дури и дополнително да ги усложнуваат со цел добивање ситни политички поени.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера посочи дека засега нема пратеници позитивни на ковид-19, но исто така нема ниту позитивни од вработените во службите на Собранието.
– Собранието работи според динамиката на роковите што се определени во Деловникот. Очекуваме така да биде до 1 август кога според закон Собранието е на колективен одмор. Сите закони се важни, не можам да издвојам посебно, но сега нѐ очекува ребалансот на буџетот, кој 10 дена ќе биде на пленарна седница – заклучи Џафери.

Јован Митревски, координаторот на пратеничката група на СДСМ, вели дека пратениците на мнозинството се тука и очекува побрза динамика за носење на законите, кои веќе подолг период се во процедура, а се застанати од опозицијата со незакажување на комисии или блокирање со процедурални забелешки што немаат врска со процедурата.
– Секако, нови закони што ги најавува Владата, поврзани со интересите на граѓаните, ќе бидат на агендата на Собранието во периодот пред нас – посочи пратеникот Митревски.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека критичните моменти со позитивни ковид-пратеници во Собранието веќе поминале, а многу од пратениците веќе се и ревакцинирани.
– Веќе редовно работиме, ги одржуваме пленарните седници во долната сала. Очекувам да продолжиме со работа до 1 август, кога е официјалниот распуст на Собранието во лето – заклучува пратеникот Мицевски.

Според него, Собранието работи тековно, а во моментот заглавени во процедура се Законот за новиот клинички центар и Законот за служба во армијата, за кој имаат поднесено четири амандмани.
Многумина од пратениците се вакцинираа кон крајот на април годинава, со руската вакцина „Спутник“.

Тогаш процесот на вакцинација кај мнозинството пратеници влеваше надеж дека парламентот ќе се врати во нормала, односно ќе се избегнат сценаријата кога поради отсуство на неколку пратеници од власта што се во изолација, не можеше да се обезбеди кворум за гласање.

На самиот ден на вакцинацијата, Џафери изјави дека по втората доза што ќе ја примат ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието.
– Се надевам од втора половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието, секако, почитувајќи ги и понатаму одлуките и протоколите – изјави тогаш Џафери.

[email protected]