Фото: Игор Бансколиев

ДВА АНТИПОДА ЗА РАБОТАТА НА АКТУЕЛНИОТ ПРАТЕНИЧКИ СОСТАВ

Во нецелите три години од мандатот на актуелниот пратенички состав имаше неколку драматични ситуации, почнувајќи од неговото конституирање, преку гласањето за уставните измени, па и усвојувањето некои закони, кои придонесоа за создавање изразено контроверзна перцепција во јавноста за улогата и значењето на парламентот. Како ја оценуваат работата на Собранието координаторите на пратеничките групи

Што сработи и по што ќе остане запаметен актуелниот собраниски состав, кому му остануваат помалку од две недели да ја верификува перцепцијата за своето значење во македонската историја? Со оглед на веќе договорениот датум за избори на 12 април, Собранието треба да се распушти на 12 февруари.

Во нецелите три години од мандатот на актуелниот пратенички состав имаше неколку драматични ситуации, почнувајќи од неговото конституирање, преку гласањето за уставните измени, па и усвојувањето на некои закони, кои придонесоа за создавање изразено контроверзна перцепција во јавноста за улогата и значењето на парламентот за сите промени што се случија со македонската држава во овој тригодишен период. Сепак, и понатаму останува дилемата дали поделеноста на општеството е одраз на политичката спротивставеност во парламентот или однесувањето на пратениците во Собранието ги рефлектира општествените поделби.

Таквите состојби оставаат простор пред истекот на мандатот на овој парламентарен состав да ги прашаме координаторите на пратеничките групи и пратениците како ја оценуваат својата работа, односно дали успеале да одговорат на историските предизвици и дали се издигнале над перцепцијата дека Собранието е сведено на гласачка машина на партиите.

– И покрај тешкиот и лош почеток на мандатот, со случувањата на 27 април 2017 година, како и големата поделеност што се создаде по таквите инциденти, овој парламентарен состав успеа да се издигне над таквите предизвици и да донесе значајни одлуки. Пред сѐ, најзначајно е тоа што овој парламентарен состав го отвори патот за членство на земјава во ЕУ и во НАТО. Својата историска улога ќе ја потврди со ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, која сепак ќе се случи во мандатот на актуелната пратеничка гарнитура. Покрај тоа, донесовме еден куп закони во интерес на граѓаните, од кои ќе ги издвојам само Законот за минимална плата и Законот за стечајците. Секако, не се надминати сите слабости во општеството, но ова парламентарно мнозинство, и покрај скратениот мандат, успеа да заземе добар став спрема историските предизвици – смета Јован Митревски, координатор на пратеничката група на владејачката СДСМ.

Слична оцена за улогата и работата на овој пратенички состав како Митревски има и пратеникот од ДУИ и претседател на собраниската комисија за европски прашања, Артан Груби, кој безрезервно заклучува дека ова е најуспешниот состав на Собранието.

– Работата на актуелниот пратенички состав, односно на парламентарното мнозинство, можам слободно да ја оценам како најуспешна досега. Во ДУИ сметаме дека во овој мандат е целосно исполнета нашата изборна програма од 2016 година. Но и како парламентарен состав направивме големи чекори – успеавме да ги донесеме уставните измени, го заокруживме нормативниот дел на рамковниот договор… Покрај тоа, сметам дека успеавме работата на парламентот да биде многу потранспарентна, беа организирани многу јавни расправи и успеавме да ја промениме перцепцијата за подреденост на Собранието спрема Владата. Во неколку случаи беа вратени на доработка предлог-закони во Владата. Останува простор за понатамошни подобрувања, но мислам дека сме на добар пат да се врати перцепцијата за независност на одлуките на пратениците и воопшто на Собранието – вели Артан Груби од ДУИ.

Наспроти мислењето на пратениците што се дел од мнозинството на владејачката коалиција, координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, има дијаметрално различни согледувања за успешноста на активностите на парламентарниот состав, кој треба да се распушти на 12 февруари.
– Како што работеше парламентарното мнозинство во изминативе две и пол години, воопшто не придонесе да се надмине перцепцијата дека Собранието е нешто повеќе од гласачка машина. За тоа имам и аргументација низ бројки. Во текот на овие две и пол години, владејачкото мнозинство изгласа 377 закони, а само на последниве две седници на дневен ред се ставени 200 точки, односно нови закони за гласање. Притоа, повеќе од 55 отсто од законите беа донесени по скратена постапка, што значи дека беше скратено времето за дискусија за нив. Секако, таквиот начин воопшто не е во прилог на парламентаризмот и демократијата.

Понатаму, во текот на овој мандат се воведе некоја практика од владејачкото мнозинство, наместо Владата, предлагачи на закони да бидат група пратеници, но симптоматично е тоа што најчесто истите пратеници се јавуваат како предлагачи. Во таквата уиграност на владејачкото мнозинство, опозицијата не беше доволно третирана и не ѝ беше дозволено целосно со своите предлози да ја има улогата на коректив и надзор на институциите, што исто така е улога на Собранието. И уште еден пример: според Деловникот, опозицијата има право да предложи една точка од дневниот ред на секоја втора седница. Но обично таа точка беше ставана последна на дневен ред, па единствено што беше разгледана информацијата на опозицијата за загадувањето, која беше поднесена пред два месеци – ја оценува Никола Мицески од ВМРО-ДПМНЕ работата на актуелниот парламентарен состав.

Извесно е дека оваа пратеничка гарнитура ќе му остави за усвојување значителен контингент закони од реформски карактер на парламентарниот состав што ќе се формира по изборите на 12 април.