Словачка и Чешка не се откажуваат од намерата Македонија да ги почне преговорите. Нивниот став и натаму е дека историјата треба да остане надвор од процесите на интеграција и нема да отстапат од тоа ниту во иднина. Во таа насока е конкретната словачка иницијатива насловена „Национална конвенција за ЕУ за С Македонија“, како еден вид труст на мозоци, околу која се обединети експерти, професори и невладини организации, кои со своите искуства ќе ѝ помогнат на нашата земја…

Во време кога евроинтеграциите на земјава се во неизвесност поради бугарската блокада и очекувањата тамошните парламентарни избори да понудат нова енергија во разговорите на двете земји заради откочувањето на пристапниот процес, некои од земјите-членки на ЕУ се обидуваат со сите сили да ѝ помогнат на Македонија да ги започне преговорите со Унијата.
Последните изјави на словачките и чешките дипломати, чии земји во последен момент во декември минатата година се спротивставија на усвојувањето на невистините содржини во преговарачката рамка за земјава каде што се бараше прифаќање на бугарското толкување на историјата, одат во насока дека Словачка и Чешка не се откажуваат од намерата Македонија да ги почне преговорите. Нивниот став и натаму е дека историјата треба да остане надвор од процесите на интеграција и нема да отстапат од тоа ниту во иднина.

Македонија што побрзо да стапи во процесот на преговори бидејќи тоа е многу важно како поттик за реформите

Во таа насока може да се сфати и словачката иницијатива насловена „Национална конвенција за ЕУ за С Македонија“ околу која се обединети повеќе професори, експерти и невладини организации, кои со своите искуства би можеле да ѝ помогнат на земјава во моментот кога ќе ги почне преговорите.
– Ние како Словачка тука имаме многу интересен проект што се вика „Национална конвенција за ЕУ за С Македонија“ и тоа е нашиот најголем придонес зашто тоа е форум што ги обединува сите делови на општеството, луѓе што се експерти, НВО и се надеваме дека кога ќе почнат разговорите, ќе биде уште поефикасен нашиот придонес за разговорите на С Македонија со ЕУ. Што побрзо, тоа подобро и ние тука максимално помагаме – вели Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачка во Македонија.
Тој не се сомнева дека решение за проблемот со Бугарија ќе се најде и дека тие се тука да помогнат.
– Македонската дипломатија сфаќа дека Скопје мора да биде дел од решенијата, тоа е таа филозофија. Не се сомневам дека решение ќе се најде, сите ние сме тука подготвени максимално да помогнеме, бидејќи за нас е многу важно С Македонија да стапи во тој процес на преговори бидејќи се многу важни како поттик на реформите – смета Маркуш.

Пријателите помагаат, но самите си одмагаме

И додека Словачка се труди да помогне во целиот процес, прашањето што се наметнува е како и колку ваквите проекти и иницијативи иницирани од земји пријатели на Македонија можат вистински да помогнат во придвижувањето на пристапниот процес, ако се има предвид дека земјава каска со реформите и се наоѓа во континуирана политичка криза.
– Генерално и Словачка и Чешка беа во групата од девет земји што се залагаат да им се даде приоритет на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ. Секој од овие проекти го пласира секоја земја посебно, со вклучување експерти, тимови и тоа секако е за поздравување, но проблемот е што кај нас нема ништо. Квалитетните луѓе во министерствата не можат да дојдат до израз од партиските кадри што се поставени на клучни позиции, така што и она што би го понудиле пријателските држави нема кој да го спроведе тука – вели Љупчо Арсовски, дипломат од кариера.
Тој додава дека некои од државите во ЕУ искрено сакаат да ѝ помогнат на Македонија.
– Мислам дека неколку од овие држави сакаат искрено да помогнат бидејќи сепак ги влече што, ете, сме биле во групата на словенски јазици. Покрај тоа, една Југославија своевремено застана и зад тогашна Чехословачка кога беше напаѓана од Советскиот Сојуз. Тие ценат многу работи од тоа време и веројатно сакаат со некакви иницијативи да ни се оддолжат – смета Арсовски.
Според него, најважна работа е во земјава да се имплементира она што ќе произлезе од тие иницијативи што ги поведуваат пријателските земји.
На слично мислење е и поранешниот дипломат Драган Јањатов, кој смета дека ваквите иницијативи се од полза за земјата.

– Во секој случај ваквите иницијативи, како оваа на Словачка, се иницијативи што одат во прилог на Македонија, но прашање е колку се функционални особено во сенката на последната изјава на комесарот за проширување Оливер Вархеи, која е доста обесхрабрувачка за Македонија. Две или три земји не значат ништо и не очекувам многу од таа иницијатива. Она што го прави Словачка е од полза, но тоа треба да биде консензуално поддржано – вели Јањатов.
Тој додава дека Македонија е земја феномен во која ништо не функционира, а сепак егзистира.
– Самите си работиме во полза на нашата штета. Кога работите не се решаваат како што треба, не може да има успех. Ние немаме тука стратегија, а пријателските земји се трудат да ни помагаат. Многу е чудно што ништо во Македонија не функционира како што треба, а егзистира државата. Тоа е феномен. И сега чекаме некој друг да ни ги решава проблемите – истакнува Јањатов.