Премиерот, Зоран Заев се сретна со Иван Корчок, министерот за надворешни и европски работи на Словачка.

– На состанокот е поздравено лидерството на премиерот Заев во решавањето на прашањата од важност за евроатлантските интеграции, како и во напредокот на нашата држава. Соопштено е дека е препознаен реформскиот развој во сите области во земјава и е најавено дека Словачката Република ќе продолжи да го поддржува развојот на државава и напредокот кон ЕУ – соопшти Владата.

На средбата била изразена заедничка согласност дека продолжувањето на проширувањето на ЕУ е од значење и за Унијата и за целиот Западен Балкан и е реафиримиран ставот на Словачка дека билатералните прашања треба да се решаваат независно од европските процеси.

– Наша стратешка цел се евроинтеграциите и тоа го покажува поддршката на граѓаните за евроинтеграциите. Посветени сме на европеизација на државата дома, а на европски начин, низ дијалог и меѓусебно разбирање работиме на прашањата што се во полза на добрососедството. 2020 година беше значајна година за нас, кога станавме членка на НАТО и е донесена одлуката за почеток на преговорите со ЕУ. Тоа отвори простор да се фокусираме на економскиот развој, преку помош и поддршка на граѓаните и стопанството – и во време на пандемијата бележиме раст на просечната плата, како и на нови инвестиции – рекол премиерот Заев.

На состанокот заеднички било потврдено дека владеењето на правото во секоја држава значи сигурност и за граѓаните и за инвеститорите и дека е меѓу важните предуслови за развој.

Премиерот Заев и словачкиот министер Корчок оцениле дека билатералните односи помеѓу двете држави се добри на политички план, како и е дека постојат можности за унапредување на соработката на економски план.

Заев се заблагодарил на словачката Влада и на граѓаните на Словачка за денешната донација на 4 модерни и технолошки софистицирани респиратори во вкупна вредност од 100.000 евра, за донацијата од 200.000 евра преку ЕУ механизмот за цивилна заштита во октомври 2020 година, како и за пријателската поддршка од Словачка на Македонија, во сите области.