Фото: Дарко Андоновски

Поддршката од партнерите и од сојузниците секако дека е потребна и пожелна, но секоја суверена и самостојна држава треба пред сѐ да води сопствена државна политика во интерес на сопствениот народ и да знае да направи баланс наспроти слепо и послушничко следење надворешни диктати, кои може да бидат во интерес на налогодавецот, но штетни на долг рок за државата и за граѓаните

Македонија повторно е во фокусот на геостратегиските интереси на САД. Иако во минатото се менуваше интензитетот, поддршката на Вашингтон за регионот, но и конкретно кон земјава, според тврдењата на дел од домашните но и странските аналитичари, никогаш не изостана. Сега таа повторно е активна со своето влијание по потпишувањето на договорот со Атина, за земјава што побргу да стане членка на НАТО и на ЕУ. Токму во екот на ратификувањето на договорот со Грција во македонското собрание, но и по последниот телефонски разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, охрабрувачки пораки на наша сметка пристигнаа токму од американскиот потпретседател Мајк Пенс во насока на нашите геостратегиски национални интереси. Високиот американски дипломат на социјалната мрежа Твитер соопшти дека разговарал со премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, за да им ја пренесе американската поддршка за договорот за името.
– Разговарав со македонскиот премиер за да му ја понудам поддршката на САД за историскиот договор за решавање на долготрајното прашање за името со Грција. Успешната имплементација ќе ја отвори вратата за европска интеграција и ќе ги зајакне просперитетот и стабилноста на регионот – напиша американскиот потпретседатал Пенс.

Во исто време Белата куќа соопшти дека потпретседателот Мајк Пенс во телефонски разговор со македонскиот премиер Зоран Заев му го честитал историскиот договор со Грција за решавање на долгогодишното прашање за името меѓу двете земји. Според официјалното известување од Белата куќа, Пенс ја поздравил и позитивната одлука на Европскиот совет за отворање на патот кон преговори за пристапување во Унијата во јуни 2019 година и ја потврди поддршката на САД за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ. Во соопштението меѓу другото се наведува дека Пенс го пофалил и премиерот Заев за лидерството, храброста и неговата посветеност кон мирот и стабилноста во регионот, нудејќи ја поддршката на САД за успешна имплементација на договорот за името. Паралелно на ова, порака со иста содржина потпретседателот Пенс напиша и во врска со неговиот разговор со грчкиот премиер Ципрас.
Во контекст на случувањата, домашните познавачи на меѓународните политички односи објаснуваат дека засега нема никакви битни промени во американска политика кон земјава и регионот, истакнувајќи дека Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка што Македонија и САД ја потпишаа во 2008 година претставува засилена безбедносна гаранција за македонскиот суверенитет и интегритет. Во однос на паралелата на тогашната поддршка на САД пред неуспехот во 2008 година, кога поради грчкото вето Македонија не стана дел од НАТО, и сега, тие велат дека сега таа е на повисоко ниво од тогаш и глобалните политики се на страната на Македонија.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски е убеден дека политиките на Вашингтон не се менуваат прекуноќ, а поддршката кон нас никогаш не се довела во прашање.
– Јас мислам дека поткрепата на САД за овој регион, но и поточно за Македонија е геостратегиска и не се менува. Мислам дека Америка има интерес овој регион да стане побргу членка на ЕУ и на НАТО и оттука секој договор, разбирање или решавање проблем на меѓудржавно ниво во регионот го поздравува и го поддржува. Тоа е определбата на надворешната политика на САД и таа не се менува, се менуваат само околностите и владите во опкружувањето – смета Арсовски.
Политикологот, правејќи паралела на американската администрација пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008-та и сега, вели дека тогаш Македонија не беше толку високо на агендата на Алијансата како денес, бидејќи во тоа време Украина и Грузија беа примарни проблеми на НАТО, но и на САД, кои сакаа да ги решат.

– Во споредба со американската поддршка пред Букурешт и сега, можам слободно да кажам дека во овој момент таа е поистакната, бидејќи сега регионот се обидува целосно да се оттргне од руското влијание токму со неговата брза евроатлантска интеграција. Тогаш, иако бевме сигурни дека ќе бидеме поканети во НАТО, на крајот во заклучоците од самитот излезе дека и земјава не била приоритет на Алијансата и покрај тогашното грчко вето. Како и да е, Македонија не смее да го пропушти овој миг и покрај силната поддршка на САД, а да не стане членка на НАТО и ЕУ- заклучува тој.
Кога станува збор за Македонија и регионот, политикологот и познавач на меѓународните односи Милан Стефановски оценува дека и натаму останува континуитетот на американската политика. Тој вели дека присутноста на САД во Македонија и во регионот во изминатиот период била мала, откако Европа го презеде менаџирањето со демократијата со балканските земји, но сепак посочува дека ситуацијата се променила по последните посети на високи американски дипломати и засилената руска пропаганда во опкружувањето.
– САД ја поддржуваат Македонија во евроатлантските аспирации, ја поддржуваат Македонија во правец на враќање кон демократските вредности, кон почитувањето на слободите и правата и исто така ја поддржуваат и од аспект на територијалниот интегритет, унитарноста итн. Но исто така тука треба да се спомне дека, и покрај американската поддршка што ја има земјава, таа треба да ја добие и европската, која, за жал, во овој момент и не е толку искрена како американската. За тоа говорат последните критики од Франција во однос на нашиот европски пат, кои се надевам на следниот самит на НАТО ќе се изостават и конечно ќе ја добиеме нашата заслужена покана за во НАТО – вели Стефановски.

Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски извлекува паралела помеѓу неодамнешните скандали во САД и домашните политички случувања.
– Деновиве САД ги тресе афера со некој славен филмски продуцент, кој пред неколку децении на младите старлети и артистки им барал прво да легнат ако сакаат да ги добијат улогите. Сите тие, а ги има десетици, дури сега ѝ погледнаа на вистината во очи. Асоцијацијата на случајот со ова што ни се случува е намерна и апсолутно соодветна. И нашево е исто така чиста (политичка!) проституција. Прифативме прво да нѐ легнат, за да нѐ примат во НАТО и во ЕУ. И ние ќе сме добиеле некаква улога, де. Можеме да бидеме апсолутно сигурни дека САД веќе ни ги испорачале текстовите на сите уставни амандмани. Следува чиста техника. Неизвесно е само дали ќе успеат да ни фабрикуваат две третини мнозинство во Собранието – смета Никовски.