Бугарија и Македонија ќе испратат заеднички тимови во Полска и во Велика Британија, за да разменат искуства во организирање на заедничкото претседателство на Берлинскиот процес што Софија и Скопје треба да го преземат во текот на 2020 година.

Ова е договорено на работната средба што во Познањ, Полска, ја одржаа вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, и британскиот државен министер за Европа, сер Алан Данкан.

На средбата на која присуствуваше и амбасадорот Виеслав Таркан, координатор на Берлинскиот процес на актуелниот претседавач Полска, беа разгледани прашања од идната агенда на заедничкото претседателство, како и иницијативи за активното вклучување на граѓанското општество, а особено на младите луѓе во приоритетите на претседателството.

Димитров, Захариева и Данкан учествуваа на министерскиот форум што се одржа во Познањ како дел од самитот на земјите од Западен Балкан, во рамките на Берлинскиот процес.
П.Р.