Доколку премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во клучниот телефонски разговор во следните денови стигнат до решение за името и закажат средба во Преспа за официјализирање на договорот, потоа ќе следат неколку фази до ратификацијата на спогодбата во двата парламента.

Дел од грчките медиуми, меѓу кои и телевизијата „Скај“, ги објавија чекорите до финализирање на договорот. Имено, откако ќе завршат преговорите на експертските тимови за техничките и правните прашања, ќе следува телефонски разговор на Заев и Ципрас, што според државната телевизија „ЕРТ“, би се остварил до четврток или петок.

Грчката телевизија „Скај“ објави дека прашањето со ерга омнес и понатаму е разликата во позициите на двете страни.

– Следниот телефонски разговор ќе биде клучна точка за да се одредат следните чекори. Во овој момент, двете страни ја разделуваат уставната ревизија, а ерга омнес е клучот – велат нашите информации и ќе треба да видиме кога ќе се закаже средбата во Преспа – објави грчката телевизија.

Според „Скај“, по Преспа, каде што би се потпишал договорот, ќе следи процес што содржи неколку фази:

– Првиот чекор е премиерот Заев да го донесе договорот во македонското Собрание на изгласување, но не со зголемено мнозинство.

– Откако договорот ќе добие зелено светло од македонските пратеници -Грција со допис ќе го извести НАТО дека одобрува влез на Македонија во Северно–атлантската алијанса, но под услов да има уставна ревизија.

-На 28 и 29 јуни, на Самитот на ЕУ, на Заев и официјално ќе му биде – доделен датум за почеток на пристапни преговори на Македонија со унијата.

-На 11 и 12 јули ќе следува официјална покана за влез во НАТО на Самитот во Брисел.

-Во септември или октомври, во Македонија ќе се одржи референдум за новото име.

-По референдумот, македонското Собрание со двотретинско мнозинство ќе треба да одобри уставна ревизија.

-Откако ќе се заврши со референдумот и ревизијата на Уставот во Македонија, договорот ќе стигне во грчкиот Парламент на ратификација.

Конкретното сценарио, со конкретните чекори до комплетен договор, освен телевизијата „Скај“, го објавија и други грчки медиуми, а слична беше и анализата на новинарот од државната „ЕРТ“.

Според грчките медиуми, решението ќе биде со име од трите предлози на Нимиц: „Република Нова Македонија“, „Република Северна Македонија“ или „Република Горна Македонија“.