Фото: Игор Бансколиев

Што може да се очекува од седницата на Уставниот суд на која ќе се одлучува за уставноста и законитоста на референдумот? Според аналитичарите, но и правните експерти, во игра се неколку опции. Во правните кругови има мислења дека со одлуката на Уставниот суд, можно е дури земјата да влезе и во политичка криза. Дали политиката може уште еднаш да се наметне пред правото?

Утре, десетина дена пред одржувањето на референдумот, на кој граѓаните на Република Македонија треба да се изјаснат за влез на државата во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција, Уставниот суд ќе ги разгледува иницијативите на партијата Левица и на Светскиот македонски конгрес за уставноста на одлуката за негово распишување. Имено, Уставниот суд објави дека одлуката за распишување референдум донесена на 30 јули 2018 година од Собранието на Република Македонија е на дневен ред на 19 септември, на 21-та седница на Уставниот суд.

Партијата Левица поднесе иницијатива во која смета дека распишувањето на референдумот е спротивно на Уставот. Според Левица, одлуката за референдумот е противуставна и спротивна на законот за референдум, бидејќи овој документ ги нема сите делови што треба да ги има, се работи за манипулативно и повеќезначно прашање и, трето, дека референдумот се однесува и на сојузништвото со Европската Унија, што подлежи под други правила за одлучување.

Еден од иницијаторите за преиспитување на уставноста на одлуката за референдум, професорот по правни науки и член на президиумот на Левица, Димитар Апасиев, прифаќањето и ставањето на иницијативата на дневен ред на седницата на Уставниот суд првично ги оценува како добар знак, со оглед на тоа дека иницијативата за уставноста на работата на СЈО веќе две-три години не се разгледува од истиот суд. Тој не сака да ја прејудицира одлуката на Уставниот суд, но ги разгледува опциите за кои би можел да се изјасни Уставниот суд.

– Не прејудицирам, само ги разгледувам правните основи за одлука за поништување на референдумската одлука. Првата основа е манипулативноста на прашањето, втората е во фактот што во одлуката на Собранието за распишување на референдумот ги нема наведено сите елементи што ги бара законот (не е испочитувана законската форма), а третата основа е во тоа што според актуелниот Устав не постои опцијата за консултативен референдум. Ние, како партија Левица, баравме со привремена мерка да се стопира одржувањето на референдумот на 30 септември. Постои можност Уставниот суд да не ја усвои привремената мерка и да не изрече решение за запирање на референдумот, но да ја прифати претставката. Тоа би значело дека референдумот би се одржал, но Уставниот суд си остава простор да ја разгледува претставката потоа, со што референдумските резултати би виселе – изјави за „Нова Македонија“ професорот Димитар Апасиев.

Секако, една од опциите за одлука на Уставниот суд, според барањата во иницијативите, е и да ја прифати привремената мерка, односно да ја оцени како неуставна одлуката за распишување на референдумот и да не дозволи негово одржување.

Всушност, веднаш по објавувањето на седницата на Уставниот суд, на која ќе се разгледуваат иницијативите за уставноста на референдумот, одредени медиуми открија дека судија-известител за овој предмет е судијката Елена Гошева. Во јавноста веќе се пуштени шпекулации дека судијката Гошева наводно предлага Уставниот суд да изрече привремена мерка – стопирање на сите активности за одржување и спроведување на референдумот.

Таа, во подготвениот реферат за утрешната седница (среда, 19 септември) предлага судот да поведе постапка на седницата на која ќе се разгледува оваа иницијатива.
Дури и премиерот Зоран Заев во врска со постапувањето на Уставниот суд за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум искоментира дека, според него, сѐ е во согласност со Уставот, но вели дека судот е најмеродавен.

Впечатокот за правната принципиелност на Уставниот суд со прифаќање на разгледување на иницијативите сепак е ставен под сомневање во јавноста и поради фактот што терминот на одржување на седницата некако се совпадна со средината на кампањата за референдумот. Имено, сомневањата наведуваат дека постои опасноста Уставниот суд да биде ставен во улога на политички џокер на поддржувачите на референдумот, ако тој се покаже како неуспешен, во случај да не биде постигнат цензусот за одзив, или ако повеќето гласачи се изјаснат негативно… Но тоа се, сепак, само шпекулации, кои доаѓаат главно од политичките кујни. Она што јавноста го очекува е, секако, одлука што ќе се темели на Уставот и на законите.
Од друга страна, и покрај резултатите од некои официјални анкети дека ќе биде постигнат уставниот и законски предвиден одзив за успешен референдум (повеќе од 50 отсто од запишаните во избирачкиот список), сепак во јавноста протекуваат информации (кои подоцна се демантираат) дека некои интерни испитувања и процени за одзивот на референдумот покажуваат дека таа нема да биде поголема од 30-35 отсто. Во таков контекст на процените за референдумското расположение се јавуваат сомневања дека одлуката на Уставниот суд може да послужи како резервна отстапница на организаторите на референдумот, во случај на негов неуспех.

Според политичкиот аналитичар Александар Пандов, референдумот треба да се одржи за да можат граѓаните да ѝ ја испратат својата порака на власта.
– Референдумот треба да се одржи и ќе биде многу шверцерски ако сте тргнале вака да бегате од судот на народот! Тој 30 септември ќе биде ден што уште со првите извештаи дека во општините излегле по 1-2 процент, некаде 0, а еве некаде и 3-4 проценти од населението, ќе биде знак за народот дека со зурли и тапани треба да се прослави остатокот на денот. Нема да треба воопшто ни да чекаме 19 часот. Оставете нѐ да ви покажеме кој е суверен во оваа земја и кој дава и зема власт – пишува Пандов на социјалните мрежи.

Според организаторите на референдумот на 30 септември, за тој да биде успешен, потребно е да гласаат најмалку половина од вкупниот број запишани избирачи во единствениот избирачки список и најмалку половина од тие што гласале да бидат „за“. Но професорот Димитар Апасиев и во поглед на резултатите ја оспорува уставноста на овој референдум, зашто со референдумското прашање за влез во ЕУ и во НАТО се активира членот 120 од Уставот, конкретно ставот 3, кој гласи: „Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.“ Тоа значи дека во таков случај цензус претставува целиот избирачки список (околу 1.800.000 избирачи), а за успешност на референдумот позитивно треба да се изјаснат околу 50 отсто +1 од целиот избирачки список.

Според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, ако
оваа институција одлучи да го запре референдумскиот процес, Македонија ќе влезе во нова политичка криза.

– Дрзнувањето да се оди на попречување на референдумот, референдум што по својата содржина не значи обична работа, уште повеќе, имајќи предвид во каква фаза се одвива, би довело до нова политичка криза во земјава. Мислам дека таквото дрзнување на Уставниот суд би водело во една длабока политичка криза, рушење на државата и мислам дека треба да се најдат сили, свесни, во самиот Уставен суд, да не се дозволи тоа – смета поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.

Фото: Игор Бансколиев