Премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас денеска претпладне, според најавите во Софија, ќе имаат втора средба во четири очи откако се интензивираа преговорите меѓу двете земји околу наметнатиот спор од страна на Грција за името. Разговорите меѓу двајцата премиери ќе се одржат на маргините на самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој меѓу другото ќе се расправа за европската перспектива на земјите од регионот. Целта на состанокот, како што вчера најави и владиниот портпарол Миле Бошњаковски, ќе биде да се рекапитулира она што досега било дискутирано за проблемот со името меѓу двете земји и во исто време да дадат насоки за следните чекори во преговорите.

– Во однос на денешната средба на премиерите Заев и Ципрас, премиерот Заев завчера јавно кажа оти е премногу рано да се очекува такво нешто, но мислам дека оваа средба е исчекор кон конечно решение – рече Бошњаковски, кој притоа ги негира информациите објавени во дел од германските медиуми дека на средбата на Заев и Ципрас ќе присуствува германската канцеларка Ангела Меркел.
– Канцеларката Меркел со премиерот Заев ќе има одделен состанок, односно билатерална средба. Исто така ќе имаме средба и со францускиот претседател Макрон, но средбата Заев – Ципрас ќе биде меѓу нив двајцата – изјави Бошњаковски.
Во меѓувреме Заев претходно изрази надеж дека ќе има договор.

– Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата со грчкиот премиер ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и, ако не друго, да проговориме за начините за наоѓање решение – изјави Заев.
Во исто време еврокомесарот за проширување Јоханес Хан верува дека може да се постигне решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција. Тој во интервју за грчкиот весник „Та неа“ вели дека самитот во Софија нема да биде одлучувачката точка за тоа дали ќе има решение, туку она што е важно во процесот е квалитетот на договорот.

– Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за Македонија, туку и за целиот регион – посочува Хан.
Тој посочува дека на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан во Софија уште еднаш ќе се потврди европската перспектива на земјите од регионот и ќе има и конкретни проекти.
Во контекст на случувањата сѐ уште не се знае дали ќе има лидерска средба за спорот со Грција како што побара претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во меѓувреме претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити, вчера пред почетокот на меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ“ истакна дека македонскиот јазик е дел од идентитетот и мора да се почитува.
– Македонскиот јазик е одамна кодифициран, постои, тој не може да исчезне, тоа е вековна традиција. Во тој контекст посебно битно е што македонскиот јазик мора да има приоритет, особено ова што го зборуваме ние, научна обработка и разработка и негово проучување, бидејќи тој е интегративен јазик во Република Македонија и тоа мора да го почитуваат сите заедници – рече Фити.
Што се однесува со проблемот за името, Фити посочи дека македонскиот јазик мора да биде евидентиран онака како што е евидентиран и во Обединетите нации – македонски.

Инаку, според информациите објавени во грчките медиуми, конечниот договор помеѓу Македонија и Грција се очекува да биде постигнат за еден месец, до средината на јуни, а непроменет единствено ќе остане јазикот, за кој ќе пишува дека е македонски, но со фуснота. Во следните неколку недели, со посредство на медијаторот Метју Нимиц, ќе се дојде до финалната верзија на текстот, пренесуваат грчките медиуми.
Во неговата основа е спорот да се реши со потпишување меѓународен договор, по примерот на договорот со Бугарија. Ова треба да се случи пред Самитот на ЕУ, за земјава да го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите, пишуваат грчките медиуми.