Фото: Игор Бансколиев

Бранувањата што ги предизвика неформалниот предлог на Париз, т.н. нон пејпер, во врска со новата методологија за проширување на Унијата, не стивнуваат. Во продолжение ги пренесуваме мислењата на домашните интелектуалци и ставовите на некои од странските амбасади во земјата, како и мислењата на странските експерти

Како гледаат македонските интелектуалци на францускиот нон пејпер

Домашните интелектуалци имаат свое видување на последните случувања поврзани со новата француска методологија за проширувањето на Европската Унија, која директно ја засега Македонија.
Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, коментирајќи го францускиот нон пејпер, вели дека тоа е хартија што не е хартија.
Професорот сатирично пишува дека терминот „нон пејпер“ потекнува од англискиот термин „non-paper“, кој буквално значи „нехартија“ и, според тоа, нон пејперот е хартија што не е хартија, макар што е хартија, бидејќи е напишан на хартија.
Според него, сето тоа звучи збунувачки, бидејќи терминот е и создаден да внесува забуна, смут, неизвесност, одредена илузија од типот дека оваа дупка не е дупка.
Цуцуловски смета дека тој термин е создаден од западната демократска и пред сѐ „прецизна“ дипломатија.
– Во основа, нон пејперот не е никаков документ – ниту официјален, ниту формален. Тој никого и на ништо не обврзува, бидејќи не поседува датум, архивски број, печат, ниту чиј било потпис. Најчесто е исполнет со препораки/напатствија, кои поради неговата неофицијална природа никого на ништо не обврзуваат. Во оваа смисла, тој е празно парче хартија. Меѓутоа, во нечии глави – дал господ, ги има кај нас – тој е многу битен документ, дури и со историско значање. На тој начин се третира и сегашниот француски нон пејпер, врз кој глава кршат сите наши политичари и неполитичари, сета наша јавност и нејавност, новинарите и неновинарите, потврдувајќи дека за нив сѐ што ќе ни се поттури под нос е историски одлучувачко – пишува професорот.
Цуцуловски резимира дека ако на сето ова се погледне трезвено, брзо ќе се дојде до заклучокот дека ваквиот сериозен однос кон едно обично парче хартија – кое ништо не значи, затоа што и на ништо не обврзува – резултира од фактот што нашата власт е невласт, макар што е и власт.
Граѓанскиот активист Суад Мисини, коментирајќи го францускиот предлог за проширување, пишува дека Макрон на овој начин тоне во жив песок на сопствената глупост.
– Најлесно од негова страна би било отворено и јасно да го изблокира процесот на проширувањето. Тој може да го направи тоа без ова глумење и малтретирање. Дополнително и нам ќе ни заврши работа, да знаеме јасно на што сме – смета Мисини.
Универзитетскиот професор Љупчо Петковски во изјава за медиумите на темава вели дека голем дел услови наведени во новата француска методологија што земјите-членки треба да ги исполнат за да станат дел од Унијата веќе ги има во постојните механизми.
– Во францускиот парламент две третини од парламентарците треба да гласаат „за“ пристапување на нови членки или, пак, француските граѓани да се изјаснат на референдум. Тие се најдобрата гаранција за заштита од нови Орбани. Ваквата методологија прави штета и конфузија на процесот на проширување на ЕУ. На пример, што ќе прави сега Црна Гора, која ги има отворено сите поглавја – посочува Петковски.
Новинарот и аналитичар Сашо Ордановски пишува дека откако Макрон навидум непромислено се посрамоти на самитот во Брисел, сега Французите набрзина произведоа некаков нон пејпер со „нова методологија“ за продолжување на процесот за ширење на Унијата.
– Купуваат време во кочењето на европската перспектива за Западен Балкан, а по пат ќе шират оптимизам за забрзување на реформите и слични бла-бла-бла-флоскули – истакнува тој.

Брисел не дискутираше за францускиот предлог

Францускиот предлог за реформа на проширувањето не е тема на последниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија. Ова вчера го изјави финската министерка за европски прашања и претседавачка со ЕУ, Тити Тупураинен, пред почетокот на состанокот.
– Станува збор за далекосежна работа, нема да дискутираме за француската иницијатива, ќе се навратиме на политиката на проширувањето и ќе испратиме силна порака до земјите од Западен Балкан дека ЕУ ќе исполни и ќе се наврати на прашањето идната пролет – изјави министерката Тупураинен, која претседаваше со министерскиот состанок.
Француската државна секретарка за Европа, Амели де Моншален, вчера пред средбата го повтори ставот на Париз за реформа на преговарачкиот процес и истакна дека тој треба да биде поуспешен, оти тој не функционира каков што е сега.
Таа ги отфрли наводите дека францускиот документ доаѓа во лошо време, имајќи предвид дека некои од земјите од регионот се веќе во процес на пристапување.
– Ние не ги менуваме правилата среде игра што започнала, гледаме дека процесот не функционира затоа што е екстремно бавен за тие што учествуваат во него. Процесот не е политички раководен, има автоматизам и народите пред сè не се пронаоѓаат во него. Гледате колкава емиграција има, колкав одлив на мозоци од Србија, Црна Гора, а пред нив Бугарија, Романија и Хрватска кога преговараа – изјави Моншален во Брисел.
Моншален вели дека е охрабрена од фактот што многу земји-членки на ЕУ, изразиле подготвеност, како што вели, да бараат комисијата да излезе со нова методологија, а Холандија и Данска изразиле целосна поддршка за францускиот предлог.

Холандија и Шведска ја анализираат новата методологија

По иницијативата на „Нова Македонија“ за сондирање на мислењата на европските дипломатски претставништва во земјата, по повод францускиот нон пејпер, во вчерашниот број на весникот ги објавивме ставовите од амбасадите на Словачка, Словенија и на Франција. Денес продолжуваме со пренесување на мислењата што за нашиот весник ги дадоа амбасадите на Холандија и на Шведска во Македонија и германското МНР.
Од холандската амбасада информираат дека тие ќе дискутираат за новата методологија за проширување во рамките на Советот на ЕУ.
– За Холандија е важно да има етапен и можен двонасочен пристап што ќе се фокусира на владеењето на правото и борбата против корупцијата – изјавија од амбасадата.
Од шведската амбасада, пак, информираат дека ставот на Шведска е претставен во последната изјава на министерката за надворешни работи Ан Линде, која неделава ја посети државава.
Шведската министерка Линде изјави дека францускиот нон пејпер пристигнал во петокот, а тамошните власти сѐ уште не ја анализирале неговата содржина во целост.
– Во тој контекст ние имаме позиција дека сакаме да ги поздравиме реформите, но сѐ уште не можам да ја коментирам содржината на нон пејперот. Шведска сепак го поздравува значајниот напредок што го постигна земјата во реформата во судството и борбата против корупцијата, како и реформата на разузнавачкиот сектор – изјави министерката.
Во меѓувреме, се огласи и германското МНР, кое коментирајќи го предлогот на Франција за реформа на процесот на проширување на ЕУ, истакна дека тоа само ќе го забави процесот на проширување.
– Реформските предлози на француската влада во врска со методот на проширување на ЕУ се познати за нас. Отворени сме за разговори што би довеле до подобрување, но само доколку тоа не го одложи дополнително почнувањето на пристапните преговори со Албанија и со Македонија – велат од германското МНР.


СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ

Документот е пишуван брзоплето и без промислување

Во изјава за „Нова Македонија“, чешкиот професор Михаил Вит вели дека француското „не“ треба да биде предупредување и за државите од Вишеградската група.
– Ако сакаат да понудат опиплива стратегија за Западен Балкан и Македонија, особено во однос на политичката соработка, тие ќе треба да почнат да работат сериозно на нивната дипломатија. Со оглед на долгогодишната политичка и економска соработка меѓу Вишеградската група и Западен Балкан, како и заедничкото културно искуство, земјите како Чешка сега имаат посебна шанса да ја искористат дадената можност во контекст на повлекување на Франција од регионот. Но тие треба да покажат подготвеност за ваков чекор, што недостига во долгорочна перспектива – вели професорот Вит.
Поранешниот евроамбасадор во Македонија Ерван Фуере, сега дел од Центарот за европски политички студии во Брисел, во своја изјава на темава го критикува францускиот нон пејпер, потсетувајќи дека при големото проширување на ЕУ кон исток пред 15 години, во прв ред Франција инсистираше што е можно побрзо и Романија и Бугарија да станат членки.
Фуере, севкупно, во францускиот предлог гледа и неколку добри точки, а во прв ред тоа, според него, е идејата земјите-кандидати да добиваат пари од структурните фондови и пред членството.
Душан Рељиќ, директор на бриселската канцеларија на германската фондација „Наука и политика“, за Дојче веле изјавил дека надворешнополитичкиот документ што на европските државници им го пласира Елисејската палата е обид да се намали штетата настаната со одбивањето за давање зелено светло за пристапни преговори со Македонија и со Албанија.
– Очигледно е дека Париз е изненаден од жестоката критика дека се кочи процесот на проширување. Критики доаѓаа од сите страни и главно се сведуваа на оцената катастрофална грешка – вели Рељиќ и додава дека се гледа дека овој документ е пишуван брзоплето и без промислување.