Фото: Игор Бансколиев

Под плаштот за наводна заштита на „културните“ и “едукативните“ вредности на ЕУ и зацврстување на влијанието на Германија, се пласираат идеи за формирање нова голема држава, која во своите граници би ги вклучила сите територии на Балканот на кои живеат Албанците. Што мислат дипломатите и аналитичарите за ваквите нови форми, комбинаторики и иницијативи за формирање сложена албанска држава што би се состоела од одреден број делумно самоуправни држави или региони обединети во централна, „федерална“ влада?

По нонпејпeрот, нови подземни
калкулации за големи балкански држави

Само неколку недели по објавувањето на т.н. словенечкиот нонпејпер, нови комбинации и иницијативи за прекројувања на балканските граници повторно ја возбудија регионалната јавност. Плановите за промени на границите овој пат се пресликани во новата иницијатива за формирање сложена држава со креирање т.н. албанска федерација.

Кои се тие „созреани услови за сите Албанци во една држава“?!

Во колумна на политикологот Садри Реамбаја се истакнува дека во Југоисточна Европа, „созреале услови за формирање државна заедница наречен албанска федерација“. Оваа голема држава во своите граници би ги вклучила сите територии на Балканот на кои живеат Албанците, со образложение дека „основната цел за нејзиното формирање е засилувањето на влијанието на ЕУ во регионот, наспроти дејствувањето на Турција“.
Оваа федерација, според иницијаторите, би ги заштитувала „културните“ и „едукативните“ вредности на ЕУ и би помогнала во зацврстување на влијанието на Германија, наспроти некои поранешни политики, како онаа на администрацијата на Трамп, која одела на штета на Брисел и Берлин, со оспорување на независноста на Косово.
Во иницијативата, Реамбаја напоменува дека идејата за формирање албанска федерација треба да биде мотив на Албанија, за дејствување во скора иднина, кога земјата ќе стане полноправна политичка и економска членка на ЕУ.
– Албанската федерација не може да се формира во склоп на „американскиот сон“, но таа во потполност може да го исполни „албанскиот сон“ во склоп на „европскиот сон“ – истакнува Рембаја.
Креаторите на оваа иницијатива напоменуваат дека кризите низ кои минува ЕУ од 2008-та наваму, проследени со процесите за национално самоопределување во Ирска, Шкотска и Каталонија, заедно со отвореното прашање на Албанците во Македонија и со минималното право на самоопределување на Санџак и на Република Српска, даваат констатација дека без формирање албанска федерација не е можна трансформација на Европа од континент на војни во континент на мир.

Иницијативи што поттикнуваат војни меѓу балканските народи

Домашни и странски дипломати и политички аналитичари со кои се консултиравме оценуваат дека заговорите за формирање албанска федерација се штетни и за Балканот и за Македонија. Познавачите на регионалната политика истакнуваат дека прецртувањето на границите е штетен и ретрограден процес, кој може да го посакаат само оние што се радуваат на избувнување нови војни меѓу балканските народи.
Македонскиот дипломат Драган Јањатов во својот осврт на овие случувања вели дека овие заговори за прекројување на границите на Балканот и за формирање мегадржави се идеи, кои иако потекнуваат од регионот, тие се „оркестрирани“ од големите центри на моќ.
– Последнава етапа за формирање албанска федерација јас ја гледам како производ од актуелните преговори што во моментов се водат меѓу Белград и Приштина за регулирање на статусот на Косово. Овие закани не се насочени кон балканските земји, кои ќе бидат оштетени од прекројувањата, туку се насочени кон Истокот, односно Русија и Кина, кои во суштина не се согласуваат со тенденциите на формирање голема албанска држава – вели Јањатов.
Дипломатот истакнува дека секое превирање на Балканот во кое некој со молив исцртува нови граници завршува само со војна.
– Секогаш во историјата кога на новите граници им кумувале центрите далеку од Балканот завршувале лошо за нашиот регион. Ако во минатото битката се водела меѓу Австро-Унгарија и Турција за нови граници, сега истата таа се води меѓу Западот и Истокот – вели дипломатот.
Тој објаснува дека и во минатото и сега Балканот е заморче врз кое некој секогаш испробува глобални политики и закани, во кои подебелиот крај го добива населението од земјите во соседството.

– Од друга страна, Македонија во овие настани не може да стори апсолутно ништо. Таа може да ги чита овие иницијативи, нонпејпери и изјави на радикални политичари и не може да стори ништо. Ние сме немоќни да си ги регулираме состојбите во својот двор со овие прашања, а уште помалку сме моќни да реагираме на истите тие во регионална, светска и дипломатска смисла на зборот – вели Јањатов.
Тој додава дека прекројувањето на границите на Балканот и настаните во Украина, без разлика од кој центар пристигнуваат, во овој момент кога се наѕира крајот на пандемијата е идеално сервирање супа, пред почетокот на третата светска војна меѓу суперсилите.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов е сигурен дека секоја најава за формирање нови државни ентитети и прекројување на нашите граници со сигурност ќе значи војна.
– На Балканот, прекројувањето на границите се врши единствено со војна и никако поинаку, без разлика дали овие иницијативи пристигнуваат од некои нонпејпери или од устите на политичари и професори, заднината е секогаш иста – вели Пандов.
Тој додава дека идејата за ваква форма на голема албанска држава не е нова, но остварувањата на тие цели на штета на Македонија и на некои други народи во регионот се единствено спроведливи ако тие се извршат само со војна и никако поинаку.
Пандов советува дека сега, кога во расчекор од неколку недели имаме две застрашувачки идеи на надворешната политика и словенечкиот нонпејпер и т.н албанска федерација, тоа треба да е сигнал до нашите функционери да си ја заработат платата што ја примаат од Македонија да се активираат и соодветно да реагираат пред меѓународната заедница за овие штетни писанија.
Белградскиот политички аналитичар Александар Бечиќ вели дека сенката што ја фрла идејата за формирање големи држави врз регионот е мрачна и таа малку ги турка во мрак сите што живеат на Балканот.

– Во овој момент е нејасно како Европа и ООН молчат за сѐ позачестените обиди и сигнали за обединување на териториите во кои на Балканот живеат Албанци во една неприродна и голема држава. Дополнително, механизмите за овие националистички соништа, сега, но и секој пат претходно, се затскриваат зад оправдувања дека на тој начин ќе се зачуваат нарушените човекови права, ќе се демократизираат земјите, ќе се забрза процесот за членство во ЕУ, ќе се либерализира економијата и слично. Но на крајот од краиштата сите имаат една суптилна порака, чија единствена цел е голема Албанија. Оваа идеја ја поддржуваат САД и НАТО и таа е на директна штета на сите држави што граничат со Албанија. Од неа штети ќе претрпат и самите земји-членки на Алијансата, Грција, Црна Гора и Македонија, а Србија дополнително уште повеќе би требало да ја отстапува својата територија за наводен мир на Балканот – вели Бечиќ.
Тој потсетува дека во светот, за среќа, сѐ уште има демократски институции што размислуваат трезвено и се надева дека многу скоро, по завршетокот на здравствената криза, ќе ја решат оваа проблематика на начин што идеите за квазиголеми држави никогаш нема да можат да заживеат.
[email protected]