Фото: Игор Бансколиев

Постои ли методологија за мерливост на ефектот во работата на министрите? Има ли начин да се протолкува кој од државниците во практика бил успешен и дали има начин од перспектива на граѓаните да се вреднуваат високите државни функционери?

Има ли начин граѓаните да проценат кој политичар ги исполнува професионалните стандарди и принципи

Постои ли методологија за мерливост на ефектот во работата на министрите? Има ли начин да се протолкува кој од државниците во практика бил успешен и дали има начин од перспектива на граѓаните да се вреднуваат високите државни функционери?
Вакви дилеми станаа актуелни во домашната јавност откога новоизбраните министри неодамна потпишаа кодекс за етичко однесување во Владата и откога беше публикувана „Белата книга за работа на министрите во Владата од ИРИ“.
Во изјава за „Нова Македонија“, од американскиот Меѓународниот републикански институт (ИРИ), поврзано со дилемата како се мери и оценува ефектот во работата на министрите и политичарите од аспект на интересот на граѓаните во нивното исполнување на работните обврски, велат дека тие сметаат оти треба да се унапреди и зајакне системот на отчетност на носителите на јавни функции преку редовно поднесување и објавување извештаи за исполнителност на програмите за работа, постигнувањата на целите и мерење и оценување на ефектите од спроведените политики.
– Еден ваков систем на отчетност на исполнителноста треба да е образложен и да се оценува од аспект на промените и степенот на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните – велат од ИРИ.
За општиот впечаток на граѓаните дека министрите се избираат од партиите не поради нивната способност туку поради нивната послушност и за дилемата како се мери нивниот труд, преставници на американската организација истакнуваат дека граѓаните на избори го даваат својот глас за политичката опција, кандидатите и за програмата на кои најмногу им веруваат, а понатаму одговорноста кои личности ќе бидат поставени за министри и други носители на јавни функции лежи во избраното мнозинство.
– Во белата книга анализираме дека министер најчесто се станува на еден од следните начини: се избираат кадри што имале лидерска или висока партиска позиција, се избираат членови од партијата што поседуваат експертиза од дадениот ресор, а партиите се одлучуваат да предложат лица што дале неочекувани резултати во време на преговорите за состав на Владата и се одбира кандидат што не е задолжително партиски член, на пример, надворешен соработник – велат од институтот.
Според ИРИ, начини за мерење на спроведувањето на политиките од страна на еден министер постојат, но и нивна препорака е оценувањето на работата на министрите да се воспостави на систематизиран и реален начин.

Политикологот Јовановски Мартин, пак, вели дека свеста на нашето општество сѐ уште е мала за да може да се оцени, без притоа да се гледа од политичка димензија кој министер добро си ја сработил својата функција.
– Ние во Македонија во годините што доаѓаат треба да го издигнеме нивото на нашата политичка свест и култура и да се научиме сите заедно да не гледаме на работата на министрите само низ призмата на тоа од која партија доаѓаат, туку да научиме да ги оценуваме нивното работење или неработење чисто врз основа на професионални стандарди во политиката – вели Јовановски.
Тој резимира дека, сепак, овие објективни процени сѐ уште не се можни во државата додека не започне да функционира изборниот модел со отворени листи во партиите и со една изборна единица, бидејќи на тој начин власта ќе ја освојуваат само професионалци и само политичари во кои народот вистински верува.