„Македонското прашање: придобивките од договорот и перспективите на Балканот“ е насловот на политичкиот настан-дискусија што вечер го организираат од огранокот на СИРИЗА во Солун.

Паралелно, како реакција и во знак на несогласување со потпишаниот договор, навивачите на ПАОК, но и членови на солунско движење најавија протест пред културниот центар каде што ќе се одржи дебатата.

На настанот организиран од владејачката партија, планирано е да говорат пратеникот на СИРИЗА од Солун, Триандафилос Митафидис, координаторот за европска политика во СИРИЗА, Јоргос Верверис и професорот по политички науки од солунскиот универзитет Аристотелис, Вермуд Орбаке.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, навивачите на ПАОК, пак, најавуваат „пречек како што им доликува“ и ветуваат дека „нема да се одржи таков понижувачки пропаганден настан“.

– На 17 јуни ја потпишаа нивната конечна и неотповиклива пресуда, отстапувајќи го македонското културно наследство и признавајќи паралелно македонски јазик и идентитет за една државичка на Словените. Но, не останаа само на тоа, туку се обидуваат да нė убедат за „огромниот успех“ на оваа нивна постапка и организираат настан за „придобивките“ од договорот – соопштуваат навивачите на ПАОК.

Независно од овој протест, на мирен собир, пред културниот центар во Солун повикуваат и од солунското движење под име „Движење Свирам“.