Фото: Игор Бансколиев

Денес, имаме привилегија да имаме своја независна држава. Во исто време, имаме и голема одговорност – да вложуваме во неа за да биде достоен дом за секој од нас. Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме, порача претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање до граѓаните

Mакедонија одбележи 30 години од независноста

Македонија е нашиот единствен, заеднички дом и ќе биде пристојно место за живеење само ако секој од нас ги вложи во него својот труд, својата одговорност и својата совест. Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други граѓани, нека ни е честита 30-годишнината од независноста на нашата заедничка држава. Со овие зборови претседателот на Република Македoнија, Стево Пендаровски, вчера им се обрати на граѓаните, по повод одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од осамостојувањето на нашата земја.
– На денешен ден, пред 30 години, се оствари сонот на сите генерации што се бореа и гинеа за нашата слобода. Македонската државност е без сомнение нашето најголемо заедничко историско постигнување. Денес, имаме привилегија да имаме своја, независна држава. Во исто време, имаме и голема одговорност – да вложуваме во неа за да биде достоен дом за секој од нас. Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме. Нашата најголема вредност, со векови наназад е традицијата на почитување на различностите. Северна Македонија може да напредува, само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина. Нашето подобро утре зависи и од интеграциите во важните меѓународни организации. Како мала држава, во денешниот глобален и немирен свет, не можеме да опстоиме без сојузници и пријатели – истакна Пендаровски.
По повод Денот на независноста, пристигнаа голем број честитки од владините претставници на повеќе земји.

– Со гордост ве поздравивме како 30-от сојузник на НАТО, и со нетрпение очекуваме да ве видиме и во ЕУ. САД остануваат непоколебливи поддржувачи на Северна Македонија. Во име на американскиот народ, го честитам Денот на независноста. Ние исто така ја одбележуваме 25-годишнината од нашите дипломатски односи и силното пријателство меѓу нашите две нации. Нашите земји ги обединуваат семејните и историските врски, како и нашите заеднички демократски вредности и посветеност на човековите права. Нашето партнерство ќе продолжи да им користи на нашите народи во годините што доаѓаат – порача американскиот претседател Џо Бајден во честитката испратена до претседателот Пендаровски.
Пораки со честитки за одбележувањето на 30-годишнината пристигнаа и од амбасадите на Русија, ЕУ…
– На овој значаен ден пред 30 години македонските граѓани донесоа историска одлука и гласаа за сувереноста, независноста и самостојноста на државата. Осми септември стана симбол на напоколебливоста на македонскиот народ. Честит и вековит нека е Денот на независноста – стои во честитката на руската амбасада.
Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, исто така испрати своја честитка за Денот на независноста, посочувајќи дека земјата има многу постигнувања на кои треба да биде горда.
– Како и во минатото, ЕУ и нејзините членки ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија и ќе работиме заедно да ја постигнеме нашата заедничка цел за приклучување кон ЕУ-семејството – напиша Гир.
И претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, упати честитки по повод Денот на независноста. Шентоп му го честиташе Денот на независноста на пријателскиот и братски народ на Македонија и нагласи дека верува оти односите меѓу Турција и Македонија во наредниот период уште повеќе ќе се развијат во секоја област, во насока на заедничките интереси на народите на двете земји, и ќе продолжат да придонесуваат за стабилноста на регионот.

Фото: Игор Бансколиев

Инаку, официјалниот дел од вчерашното одбележување на големиот јубилеј започна со положување венци свежо цвеќе и оддавање почит на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски од страна на претставниците на државниот врв, армијата, Сојузот на борците, на повеќе државни и општествени институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници, на граѓанските организации, на политичките партии, на ЗЕЛС и на Град Скопје, како и голем број други делегации.
Потоа, претседателот Пендаровски со орден „8 Септември“ ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.
Главниот дел од одбележувањето беше најавен за во попладневните часови, по затворање на весникот, пред Собранието и со ограничен број учесници поради пандемијата. Во рамките на програмата беше најавено свечено дефиле на армијата и на претставници на различни општествени групи, обраќања на претставниците на државниот врв и богата музичка програма.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека со својата посебна програма, под мотото „30 години се грижиме за Македонија“, Денот на независноста ќе го одбележи во Битола. П.О.

Македонскиот ликовен уметник Живко Поповски-Цветин
специјално за „Нова Македонија“ со уметничка честитка до граѓаните