Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од начинот на консензуално носење одлуки во ЕУ, на многу од земјите-членки се чини најпривлечен им е инструментот „вето“, со што имаат можност и целосно да го блокираат функционирањето на Унијата. Со текот на времето, ветото стана израз (симбол) на директната спротивставеност на реалното функционирање на Унијата, со нејзините изворни демократски принципи, а сѐ повеќе добива белег на толеранција за тиранија и премолчeно одобрување на пасивно-агресивно самоволие на своите членки

Поради инструментот „вето“, ЕУ може да одмолчи агресија на своја членка врз друга?!

Принципот на консензуално одлучување воспоставен во ЕУ, воспоставен (со сигурност) со врвната идеја да ги одразува демократските вредности на сојузот, пред сѐ еднаквост на сите земји-членки (без оглед на нивната големина), како и претпоставката дека заедничкиот европски интерес со самото членство значи надраснување на историските национализми… со значителното проширување на Унијата сѐ повеќе покажува (трансформира) како „згоден инструмент“ за новите земји-членки да се обидат (и тоа со успех), без задршка да ги манифестираат и притоа да ги реализираат своите историски националхегемонистички аспирации за асимилација на туѓи национални идентитети, со отворена можност и за реализација на своите територијални претензии. Од начинот на консензуално носење одлуки во ЕУ, на многу од земјите-членки се чини најпривлечен им е инструментот „вето“, со што имаат можност и целосно да го блокираат функционирањето на Унијата. Со текот на времето, ветото стана израз (симбол) на директната спротивставеност на реалното функционирање на Унијата, со нејзините изворни демократски принципи.
Македонија, која од самиот почеток на својата независност членството во ЕУ го има декларирано како своја стратегиска определба и цел, и по триесетина години е „растргната“ во таа „вградена системска грешка“ на Унијата, меѓу декларираните демократски принципи и функционалните можности што ги дава за нивно опструирање од земјите-членки. По повеќе од дведецениско поигрување од страна на Грција, Македонија се чини не може да излезе од таа вето-спирала, што како (непредвидена) можност ја остава ЕУ, овој пат во функција на идентитетско-историските аспирации на Бугарија. Иако последнава пандемија на коронавирусот покажа дека принципот на носење одлуки со консензус (и право на вето), во голема мера создава предизвици и за самата ЕУ, правејќи ја речиси нефункционална (изгласувањето на седумгодишниот буџет минатата година), се чини дека во неа нема расположение за напуштање на овој начин на одлучување во некоја поблиска иднина.

– Кога станува збор за политиката на проширување на ЕУ, која е дел од надворешната политика на Унијата, речиси и не постои можност во некоја поблиска перспектива да се напушти начинот на консензуално одлучување. И покрај сите слабости и предизвици што ги создава можноста секоја земја-членка да стави вето, дури и за внатрешни прашања важни за функционирањето на Унијата, и покрај одредени иницијативи за преиспитување на тој модел на одлучување, треба да бидеме свесни дека за проширувањето и понатаму ќе се одлучува со консензус. Со новата методологија за реверзибилност во процесот на преговори (што Македонија сѐ уште не го започнала), дури и се дава можност Европската комисија или само една земја-членка да даде предлог за корективни мерки, односно враќање на одредено поглавје во преговарачката рамка, за кое смета дека има назадување. Претходно, за да се даде таков предлог, потребен беше консензус од сите членки, а сега тоа може да го предложи и една земја, а за преземање корективна мерка (враќање на процесот), потребно е да се изгласа со квалификувано мнозинство. Во овој случај, отстапувањето од правилото на консензус, воопшто не оди во прилог на македонскиот процес на преговарање, кој сѐ уште не е започнат. Но за започнување преговори и понатаму е потребен консензус за усвојување на преговарачката рамка, што нашите соседи умешно го користат – вели Марко Трошановски, познавач на процесите и начинот на функционирање на ЕУ, претседател на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ – Скопје.
Во однос на моделот на консензуално одлучување во ЕУ, Трошановски укажува и на т.н. клаузула „пасарела“, како своевидна можност за негово избегнување. Но своевидна иронија е тоа што за да се примени оваа клаузула за избегнување на консензусот, потребно е да се изгласа со консензус.

Кога станува збор за македонските евроинтеграции, секоја препорака на ЕК за почеток на преговорите, секоја поддршка од земјите-членки, па дури и критика насочена спрема земјата што става вето…, се удира од ѕидот на консензусот. И секогаш, секоја поддршка (искрена или неискрена) за Македонија завршува со предупредувањето за консензуалното одлучување во Унијата, пред кое (наводно) се немоќни и сите 27 членки, наспроти едната земја што го става ветото. Во случајот со Македонија, дури многу е реална хипотетичката ситуација, ЕУ да биде ставена во позиција да толерира најави за територијална агресија, токму поради правото на вето. Во речиси едногодишното справување на Македонија и на ЕУ со условите и уцените на бугарското вето, во реториката на официјални бугарски политичари и европратеници беа отворено упатувани закани за спроведување агресија на македонска територија од страна на Бугарија. Поранешниот бугарски министер за одбрана, Красимир Каракачанов, изјавуваше дека ќе испрати бугарски полк во Македонија за да ги отстрани спомениците од Втората светска војна на кои се споменува „бугарски фашистички окупатор“. Во предизборната кампања на бугарски европратеник главниот слоган е дека „Македонија е бугарска“… Дури и претседателот на Бугарија, Румен Радев, го свикуваше својот Совет за безбедност за да го заштитува, наводно, загрозеното бугарско малцинство во Македонија… На сите овие манифестации на намери за територијална агресија врз соседна земја, од своја земја-членка, ЕУ реагираше со игнорирање, иако имплицитно може(ше) да биде вовлечена во агресија поради користењето на правото на вето од страна на Бугарија.
– Реално, ЕУ не може да биде доведена во ситуација за да биде вовлечена во агресија спрема трета земја поради правото на вето на своја земја-членка, но може да ја одмолчи таквата реторика со најави за агресија (колку и да се несериозни). Како и што се случи, кога не беше изгласана иницијативата на група европарламентарци од повеќе земји-членки, со која се предлагаше да биде осудена реториката, која имплицира говор на омраза на бугарските политичари во билатералните односи со Македонија. Но таквото одмолчување влегува во сферата на дипломатскиот пазар зад официјалната сцена на ЕУ, во кој не се води сметка за принципите на правото и на демократијата – констатира Марко Трошановски.