Сведоци сме деновиве на засилена „сеизмичка активност“ во Македонија, секој ден има „земјотреси“ но соочени сме и со еден со сила на земјотрес, шок кој што дојде од Транспаренси Интернешанал бидејќи да се најдете на 111-то место на листата на корупција значи да бидете во слободен пад, значи да се одвоите, тектонски, од европското политичко, демократски и правно тло и да се преселите во Евроазија и Африка во друштво на Монголија, Панама, Сиера Леоне, изјави професорката Гордана Силјаноска-Давкова.

– Можеби е ова момент за катарза. Зошто го велам ова? Бидејќи сличен феномен може само во литературата да најдете кај Данте Алигери во „Пеколот“. Зошто ги посочив двете личности како најодговорни за корупцискиот жив песок во кој што тонеме, како веројатно најкорумпираната европска држава и една од најкорумпираните во светот. Ние сме редок пример на Влада во која што има министер со посебна одговорност да се бори со корупцијата. Во случајот ако сме на 111 место, формирањето на посебното министерство за мене е институционален илузионизам. Мислите дека ако формирате институција, проблемот сам од себе ќе се реши. Кога е во прашање пак министерот за правда, во случајов низ призма на ова срамно место, министер за неправда, тогаш исто така се поставува прашањето, како е можно да не се предвиди овој настан бидејќи ништо не настанува од вчера за денес, може да се види во овие четири години како се продлабочувала корупцијата – рече Силјаноска-Давкова.

Според неа, корупцијата е системски феномен во оваа држава и не е врзана само за психологијата на сторителите, туку, како што вели, социјалниот и политичкиот амбиент креираат и поддржуваат корупција.

– Ние сме сведоци на постојано толерирање на концептот што се вика владеење на луѓе, личности наместо владеење на законите. Зошто? Затоа што имаме филозофија на несанкционирање. Тогаш, таквата филозофија стимулира корупција и криминал. Ако нешто шокира најмногу, тоа е изјавата на министериот кој што треба да се справува со корупција. Замислете значи, перцепција била тоа небаре граѓаните перцепциите ги градат како социјална фантастика, а не грубата реалност која што секој ден ја доградува и зацврстува перцепцијата за едно од најкорумпираните општества. Без одговорност нема правна држава. Одговорноста може овие министри да ја сфатат како објективна, значи тоа се случило во време кога тие биле персонификација за правна држава, а не биле. Не говорам за субјективна одговорност, таа ќе се утврди на друг начин, но тоа може да биде почеток на системското решавање на корупцијата почнувајќи од правното образование па до санкционирањето. Затоа јас мислам дека би било најдобро наместо постапка за интерпелација, ние да доживееме оставки како еден чин на катарза од страна на двајцата министри – истакна Силјаноска-Давкова.