Восхитена сум од глетката и инспирирана, неверојатна инспирација сте. Веќе неколку месеци одиме во Македонија и си го запознаваме народот, за жал јас не ни знаев колку прекрасен народ има во оваа земја. Не сум јас хероината, вие сте хероите, вие сте Македонија.

Со овие зборови вечерва кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова им се обрати на насобраните граѓани на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. 

Силјановска појасни дека дојде мигот кога сите треба да се соочат со резултатите од катастрофалното речиси две и пол годишно владеење.

-Се нарекоа реформска влада и народот очекуваше реформи, очекуваше демократија, очекуваше владеење на право, очекуваше борба со корупцијата и криминалот, очекуваше битка со непотизмот, очекуваше европеизација ама таа не дојде. Единствената промена што ја направија е промената на името, најболната промена – истакна Силјановска-Давкова.

Посочи дека Македонија има прекрасно име, во женски род, и не и треба придавка. А, пред народот стои токму жена, зошто на Македонија и треба жена. На татковината и треба жена.

На митингот свое обраќање имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој  рече дека до победата ќе се дојде само еден до друг, обединети, во коалиција со народот.

-Поминав илјадници километри низ нашата земја, не сретнав човек кој се пофали, човек кој рече добро живеам, зошто живот откако дојдоа „овие“ овде нема. Животот кој го ветија, пекол се претвори- рече Мицкоски. С.Н.М.