Професорката Гордана Силјановска Давкова од јавната дебата за законот за јавно обвинителство порача во текстот на законот еднаш да биде употребено новото име на државата, а понатаму во текстот да стои републиката, затоа што според неа, името и натаму е болна тема за граѓаните.

– Нема потреба папагалски да го повторувате името на државата, тоа е сѐ уште болна тема за сите нас. Еднаш нека стои новото име Северна, потоа во заграда ставете републиката – порача професорката Силјановска.

Таа истакна и дека носењето на ваков суштински закон треба да биде носен надвор од политички пресметки, а пратениците да гласаат по сопсвено убедување.

– Слушаме информации дека се разговара за потребното мнозинство, дека треба да се донесе законот, но процедурата е гаранција за демократијата. Пратениците треба се изборат за ова право и да гласаат по сопствено убедување – нагласи професорката.

Според неа законот не би требало да се носи по скратена постапка, а треба да биде доставен и до Венцијанската комисија која треба да даде правно мислење.

– Ако имаме закон со европско знаменце тогаш треба и процедурите да се европски. Легитимноста на знаменцето ќе беше ако го пратевте до Венецијанската комисија и добиевте правно мислење. Не сакам да го споменам специјално донесениот закон, за специјално обвинителство со договор на 4 партии, невиден феномен во правото, но кој ете влеваше надеж дека ќе стави крај на криминалот и корпцијата, а заврши со Рекет – рече Силјановска.