Предизборен митинг во Кичево вечерва одржа ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Покрај многубројните членови и симпатизери на партијата, на овој митинг што се одржа во спортската сала „Јанчица“ беше и деветнаесетчлена делегација на Австриската Народна партија на актуелниот канцелар Себастијан Курц, од чија страна беше ветена безрезервна поддршка на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата за претстојните претседателски избори.

Потоа на присутните во салата им се обрати претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова.

-Македонија историски, културно и географски била секогаш дел од Европа, сигурна сум дека Европската унија нема да биде целосна симфонија без Западен Балкан и без Македонија. Велат дека Западниот Балкан е Ахилова пета на Европската Унија, ама јас која предавам не само Уставно право туку и Европско уставно право, ги убедувам студентите дека тоа е нашиот заеднички дом и дека не се оди во ЕУ качени на Ориент експрес кон Брисел, туку дека ЕУ преку стандардите се носи дома, а тоа ние ќе го направиме- рече на почетокот од своето обраќање професорката, Силјановска-Давкова.

Таа нагласи дека Македонија има сериозни проблеми со демократски дефицит а очекувавме промени, очекувавме живот, а јас животот не го гледам.

-Единствената промена што ја направија закитени со придавката реформска Влада, беше промената на името. Но нам ни се потребни стандарди за животот, да биде европски во Македонија, да живееме како во сите европски метрополи, да си ги вратиме децата назад, затоа што над 60 проценти бегаат во потрага по подобар живот надвор, не го препознаваат овде- додаде Сиљановска.

Кандидатката на коалицијата „За подобра Македонија“ ја нагласи потребата од поголем демократски капацитет на власта.

-Нема владеење на правото без поделба на власта, а кај нас власта е во рацете на премиерот. Тогаш нашите слободи и права се загрозени. Секоја власт се заканува да ве корумпира. Станавме скандалозна земја и мора да го смениме ова.Ј ас ќе се опкружам со луѓе со знаење, со стручност и компетентност, бидејќи цел живот ги учам студентите дека нема поважна инвестиција од знаењето. Ќе се обраќам до Собранието, не само еднаш туку повеќепати, секогаш кога ќе сметам дека се повредени интересите на граѓаните- заврши Силјановска на предизборниот митинг во Кичево.

Потоа на присутните во спортската сала им се обрати претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицовски, кој на почетокот го поздрави гостите од Австриската Народна партија и нагласи дека првата радосна вест за оваа вечер е веста дека победата ќе биде извојувана на 21 април, а потоа победата ќе биде потврдена на 5 мај. По што ќе следат Парламентарни избори и победа на ВМРО -ДПМНЕ. Потоа со одбрани зборови се наврати на кадидатката за претседателка Гордана Силјаноска- Давкова.

– Нашата кандидатка како професорка никогаш не го штедеше своето знаење да го пренесе на своите студенти, бескомпромисен борец за правда и правдина. Таква беше во 2004 кога се носеше Законот за локална самоуправа, а таква беше и во 2018 година, а таква ќе биде и како иден претседател на Република Македонија – рече за својот кандидат лидерот Мицкоски.

Потоа лидерот на партијата го истакна решението на неговата партија за идниот развој на земјава, програма која се потпира на три столба и тоа мерки за квалитетен живот, мерки за развиена економија, здравство и образование и третиот столб да се врати македонизмот во Македонија и тоа на сите граѓани кои живеат во оваа земја независно од нивната етничка припадност.

Зоран Антоски