Може ли Македонија да најде излез од енергетската криза барајќи и други алтернативи и можности освен да гледа спас од ЕУ? Според енергетичарите, алтернативи има. А за такво нешто секако се потребни визија, лидерство и волја. Примерите од историјата јасно покажуваат дека „големите лидери на малите држави“ секогаш отворале и разгледувале многу повеќе опции и алтернативи отколку само еднонасочни. Еднонасочноста овој пат може да заврши во слепа и „темна улица“, бидејќи токму сега и веднаш се бара подолгорочна одржливост и предвидливост во снабдувањето со енергија

Земјите од регионот влегуваат во период на енергетска нестабилност, поради недостигот од енергенти на светскиот пазар. Во најнеповолна состојба се Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, кои се увознички на електрична енергија и природен гас и кои мораат да ја плаќаат превисоката цена за да ги задоволат домашните потреби за енергија. Ваквата состојба се должи и на фактот што помалите земји од Западен Балкан, во немањето сопствени извори на енергија, се потпираат исклучиво на енергетските системи во Европската Унија.

Политичка едностраност, опиеност и заслепеност од евроинтеграциите

Но исто така свој удел има и таканаречената политичка едностраност, или опиеност и заслепеност од евроинтеграциите како единствена опција, не барајќи други алтернативи и можности. Иако нашата евроинтеграција сѐ уште е далечна и непредвидлива опција, креаторите на државните политики се држат само за ЕУ, не гледајќи и не барајќи други решенија. Тоа скапо ја чини државата, бидејќи ЕУ во однос на Балканот, а поконкретно за Македонија, или бавно реагира или, пак, воопшто не реагира. Анемичноста на политиките на Брисел можеше да се види и во почетниот период на пандемијата на коронавирусот, кога Македонија и регионот беа ставени на крајот од листата за испорака на вакцините против ковид-19.
Во период на неизвесна енергетска иднина, во домашната јавност може да се слушнат коментари и размислувања за тоа дека македонската надворешна политика недоволно се посвети на градење врски за поблиска соработка и со други земји што се главни извозници на енергенти. Во еден компаративен контекст, на пример, се споменува случајот со Србија, која, се чини, најдобро се снајде со здравствената и, сега, со енергетската криза. Позитивните ефекти од ваквата избалансирана меѓународна политика на Србија прво се видоа и преку брзината на српската држава во набавката на првиот контингент вакцини од рускиот производител, а дел од нив беше наменет и за вакцинирање на македонските граѓани. Многу поголемо економско и финансиско значење за Србија има постигнувањето на минатонеделниот договор за испорака на руски гас за потребите на српските компании и граѓани. Како што е познато, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, успеа да постигне шетсмесечен договор за цената на гасот со претседателот на Русија, Владимир Путин. Договорот меѓу двете земји опфаќа шестмесечен мораториум за цената на гасот, што значи дека Србија 1.000 кубни метри руски гас ќе плаќа по 270 долари, во период на најголема енергетска криза, кога цената на гасот на берзите достигнува вредност од илјада долари.

Диверзификација на изворите за набавка на енергија

Може ли Македонија да најде излез од енергетската криза и да се потпре и на други можности, што, секако, ќе значи и заштеда на пари од буџетот и подолгорочна одржливост и предвидливост во снабдувањето со енергија? За такво нешто секако се потребни визија, лидерство и волја. Примерите од историјата јасно покажуваат дека големите лидери на малите држави секогаш имале многу повеќе опции и алтернативи отколку само еднонасочно движење по слепа и темна улица. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат постојан раст на енергетската зависност на Македонија во последните две децении. Во 2000 година била 39,9 отсто, во 2010 година изнесувала 44,1 отсто, а во 2020 – 63,7 отсто. Бидејќи немаме сопствени извори на гас и нафтени деривати, енергетската зависност на земјата се темели на увозот на електричната енергија како енергент, како и на јагленот што се користи за нејзиното производство.
– Нашата земја е сто процентни зависна од увозот на течни горива и на гасот. Увозници сме и на висококвалитетен јаглен, а домашните ресурси на нискокалоричен јаглен не ги користиме рационално. Располагаме со соодветен хидропотенцијал, но тој е веќе искористен за производство на електрична енергија во летниот период. Увозници сме и на електрична енергија. Нашата држава не е суверена во енергетиката. Секој може да набавува на светските берзи и да увезува електрична енергија од каде сака, но прашањето е по која цена ќе го направиме тоа – ни изјави Константин Димитров, експерт од центарот за енергетска ефикасност МАЦЕВ.
Според експертите, Македонија и земјите од регионот со релативно мала побарувачка на енергенти треба енергетски да се вмрежат и повеќе да не бидат зависни само од еден извор на енергија.
– Ако се погледнат статистичките податоци за трговската размена, ќе се види дека Македонија има најголема економска соработка со Русија токму во енергетскиот сектор. На Македонија ѝ треба диверзификација на изворите за набавка на енергија. Доколку гледаме низ случајот со Србија и постигнатиот договор за цената на гасот, тоа е сосема нешто друго – ни изјави политикологот Андреја Стојковски.
Намалување на цените на електричната енергија може да се очекува од втората половина на април следната година, но тоа намалување е во однос на денешните поскапени цени, а не во однос на цените од минатата година, како што изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, по средбата на бордот на регулатори на Енергетската заедница што се одржува во Атина
На состанокот, освен земјите од регионалната енергетска заедница, учествуваат и претставници на ЕК, на која било разгледувано кои се сценаријата за крајот на енергетската криза.
– Нашите пријатели од Европската комисија кажаа дека во Европа повеќе не се кажува до кога ќе трае енергетската криза, бидејќи што и да кажале во изминатиот период, било промашено како датум – објаснува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.