И покрај интензивната динамика на средби во преговарачкиот процес за наметнатиот спор за името од страна на Грција, сѐ уште е неизвесно дали ќе има решение со фотофиниш на долгогодишниот спор во роковите до јулскиот самит на Алијансата и претстојниот собир ЕУ-Западен Балкан закажан за мај во Софија. На маргините од вториот состанок на министрите за надворешни работи на балканските земји и Вишеградската група во Сунио, во близината на Атина вчера, според најавите, требаше да се оствари нова средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, како дел од процесот за наоѓање заемно прифатливо решение околу наметнатиот спор. До затворањето на весникот, не дојде до билатерална средба меѓу министрите за надворешни работи, но шефот на македонската дипломатија Димитров во обраќањето пред своите колеги во Сунио се осврна на насловот на конференцијата „Иднината на Европа“ велејќи дека за земјите-кандидати за членки во ЕУ од Балканот, „иднина“ и „Европа“ се два збора синоними.

– За нас на Балканот, државите-кандидати, земјите аспиранти, иднината на Европа, двата збора од насловот на сесијата се речиси синоними. Кога мислиме на нашата иднина мислиме на Европа, кога мислиме на Европа се работи за нашата иднина. Ние исто така се чувствуваме и препознаваме дека се обидуваме да фатиме подвижна цел – рече Димитров во почетното обраќање.

Претходно Димитров на социјалните мрежи објави дека остварил средба и со поранешниот грчки премиер, а сега лидер на Сегрчкото движење на демократските социјалисти и на социјалистичката интернационала Јоргос Папандреу. Димитров на Твитер ја нарече средбата инспиративна и посочи дека двете земји имаат историска шанса да станат сојузници во иднина.

– Инспиративна средба со Папандреу за иднината на нашите две земји, кои имаат историска можност во блиска иднина да станат сојузници. Историјата е важна. Но ние можеме да ја промениме само иднината – напиша на својот твитер-профил министерот Димитров.

Според информациите, за викендов во Атина е најавен уште еден состанок меѓу Димитров и Коѕијас, на кој, како што пишуваат медиумите, ќе им се приклучи и посредникот за името Метју Нимиц. Исходот од таа средба грчките медиуми го толкуваат како клучен за тоа дали ќе има понатаму средба на премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас на 17 мај на самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија.

Премиерот Зоран Заев неколкупати досега повтори дека сега е најдобриот и неповторлив момент да се затвори ова прашање. Тој завчера изјави дека очекува средба со Алексис Ципрас во Софија, на која ќе ги искоментираат досегашните постигнувања на двајцата министри и како што рече, можеби ќе бидат и похрабри и покреативни за да му се даде шанса на целиот процес.

И државниот министер за европски прашања во МНР на Германија Михаел Рот, кој престојуваше во официјална посета на Скопје, ја поздрави позитивната клима во преговорите, истакнувајќи дека гледа светло на крајот од тунелот.

– Двете страни имаат волја и можат да се договорат за одржлив компромис што е прифатлив за двете страни. Знам дека господинот Нимиц има клучна улога, но на крајот на краиштата владите се тие што го водат процесот и затоа се потребни креативност, флексибилност и отворени перспективи – изјави Рот.

Во меѓувреме, уставните измени и опсегот на употребата се двете главни прашања што се останати во спорот за името, потврди Димитров по последната средба со својот грчки колега. Тој додаде дека се истражуваат опции и комбинации за надминување на спорните прашања. Коѕијас, пак, изјави дека има впечаток оти другата страна верува оти е дојдено крајно време прашањето да се реши и смета дека има извесен напредок во преговорите.

И додека македонската јавност очекува Грција да биде ставена под притисок за да се откаже од максималистичкото барање – опсег на употреба на името ерга омнес (и за меѓународна и за внатрешна употреба), што би имплицирало измени во македонскиот устав, во Грција очекуваат таков притисок да биде извршен врз северниот сосед.
– Не е доволно луѓето од ПЈРМ да усвојат сложено име за ’меѓународна комуникација’ – се вели во коментар на „Катимерини“.

– За да се постигне овој договор, уставното име на земјата треба да се смени. Навистина, тоа не е лесно. Владејачката коалиција го нема потребното двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Точно е дека друга влада или зголемено парламентарно мнозинство во иднина би можеле повторно да го променат. Во овој контекст, ОН и силните сојузници и партнери, кои од различни причини сакаат да го решат ова прашање, треба да извршат влијание, за да се постигне согласност името да се применува секаде. И да, ќе биде врамено со меѓународен договор, кој всушност ќе биде дополнителна заштита – се вели во коментарот.

Инаку, преговорите за името зачестија последните неколку месеци. Димитров и Коѕијас во рок од еден месец се сретнаа четири пати. Грчкиот министер на крајот на март допатува во Скопје, по што двајцата министри заедно со посредникот на ОН, Метју Нимиц, разговараа во Виена. Подоцна следуваше посетата на Коѕијас во Охрид, а пред десетина дена министрите повторно имаа состанок со Нимиц во Виена.