Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако официјално вакцинацијата против ковид-19 не е задолжителна, сепак сите мерки што деновиве се носат во Европа и во светот значат сѐ поголеми ограничувања што, пак, е јасна порака за невакцинираните дека без вакцина практично е речиси невозможно да се функционира. Во Словенија, на пример, не може да се наточи ниту бензин без сертификат. Кој е ставот на микробиолозите за ваквите случувања и какви се состојбите во Македонија?

ДОБРОВОЛНА ИЛИ ЗАДОЛЖИТЕЛНА ИМУНИЗАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19

Станува ли вакцинацијата задолжителна за сите, односно дали мерките што земјите од Европа ги воведуваат, всушност, се токму во таа насока за задолжително вакцинирање на луѓето против ковид-19. Иако официјално ниту една држава не вовела задолжителна вакцина, сепак сите мерки што се носат значат сѐ поголеми ограничувања за невакцинираните што, пак, е јасна порака за нив.
Без вакцина, практично е речиси невозможно да се функционира. Ако ковид-сертификатот првично беше воведен за патување, па проширен за учество на масовни настани, потоа и за влез во ресторани, сега во некои европски држави станува задолжителен и за одење на работа.
Сето ова предизвикува различни реакции, но целта е јасна, да се постигне што поголем процент на вакцинирано население. Тој модел веќе го применува и Македонија, иако засега ограничувањата за невакцинираните се само за влез во ресторани, молови и настани каде што присуствуваат повеќе од 30 лица. Прележаните, пак, мора да се вакцинираат по 45 дена откако го прележале вирусот, ако сакаат да влезат во мол или ресторан.
Микробиологот Никола Пановски вели дека ова што се случува на Балканот, но и во европските земји е лицемерство и се коси со демократските начела кон кои сите се стремат.

– Првпат во историјата на човештвото на здрави луѓе им се забранува да се движат. Жално е ова што се случува во 21 век. Вакцинацијата треба да биде доброволна, ако веќе така е посочено. Ако се воведе со закон таа да биде задолжителна, тогаш нека биде така. Вака не е начинот – посочува тој.
Според него, секако дека вакцинацијата е единствената борба против вирусот, дека треба да се вакцинираат оние што досега не го прележале вирусот, ризичните категории лица, со цел да се намали нивната ризичност ако евентуално заболат од вирусот.
– Не треба да се присилуваат да се вакцинираат лица што имаат висок број на антитела или скоро го прележале вирусот. На тоа сум посочил многупати досега – заклучува Пановски.
Според последната информација од министерот за здравство Венко Филипче, редовно се следи состојбата и доколку е потребно да се дејствува со нови мерки тоа ќе се направи.
– Во ковид-центрите низ државата има доволно кревети за хоспитализација на пациенти, претстојниот период може да биде зголемена потребата од хоспитализации, што бара сериозен пристап и координација, која успешно се менаџира. Вирусот во моментов има широка инфекција, во постојана координација и комуникација сме и со епидемиолозите, остануваме да ја следиме ситуацијата и доколку е потребно да се дејствува со нови мерки тоа ќе го направиме – посочи Филипче.

Сертификатот станува задолжителен и на Балканот

Според последните мерки воведени во Словенија, потребно е да се приложат документи со кои се докажува дека лицето прележало ковид-19, дека било вакцинирано или има негативен тест не постар од 48 часа дури и на бензиска пумпа. Првиот ден од примената на построги антиковид-мерки во Словенија помина со одделни протести од страна на невакцинираните, но без инциденти, а најголемо незадоволство има кај возачите што не може да си наточат гориво на бензинските пумпи без сертификат.
Кризниот штаб на Србија размислува за воведување ковид-пропусници, но сè уште нема детали.
Српскиот епидемиолог Предраг Кон, пак, смета дека воведувањето ковид-пропусници е задоцнето и сега единствена алтернатива е затворање, односно ограничување на несуштинските активности, скратување на работното време.
– Ние дискутиравме за воведување ковид-пропусници уште во мај, и тоа по барање на локалната самоуправа од Белград, но тогаш се зборуваше дека тоа е неуставно и дискусијата заврши. Сега единствено би можело да се воведе таква пропусница за несуштинските активности, како забави, прослави – рече Кон.
Сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид-19 или резултат од негативен тест се задолжителни за влез и во судовите во Грција, како за службениците и адвокатите така и за граѓаните.
Исклучоци има за одредени итни случаи, кога наместо брз или ПЦР-тест, може да се покаже негативен резултат од селф-тест.

И Европа и Америка со рестрикции за невакцинираните

Сите работници во Италија во јавниот и во приватниот сектор ќе мора да имаат потврда дека се вакцинирани со барем една доза вакцина, дека неодамна прележале коронавирус или дека се негативни на вирусот. Со тоа, Италија може да стане првата европска земја во која ковид-потврдата ќе биде задолжителна за сите работници. Италија се одлучува на овој чекор со цел да принуди повеќе луѓе да се вакцинираат и да го потиснат ширењето на инфекцијата. Околу 65 проценти од 60-те милиони жители на Италија се целосно вакцинирани.
Обврската за вакцинација во Франција стапи во сила за здравствените работници. Тие мора да примат барем една доза од вакцината против ковид-19 за да продолжат да работат. Поради ова, 3.000 вработени биле суспендирани.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц посочил дека пандемијата за вакцинираните помина, но сега имаме пандемија на невакцинираните.
– Вакцинираните се безбедни и можат да живеат нормален живот, но невакцинираните не се безбедни и мора да имаат негативни тестови и маски за ресторани, продавници, јавен превоз – посочи Курц.
Тој посочи дека многумина се вакцинирани и не треба да се занимаваат со мерките, но сепак има 30 отсто од граѓаните што не се вакцинирани и не се заштитени, па затоа мора да знаат дека во некој момент ќе се заразат со коронавирусот.
– Токму поради невакцинираните, сè уште се потребни минимум мерки. Претпочитам сè да е отворено за 70 отсто од населението, отколку сè да затвориме – објасни Курц.
Сите дипломати што ќе присуствуваат на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации од 21 до 27 септември ќе треба да покажат доказ за вакцинација против коронавирусот во согласност со правилата што важат во градот Њујорк.

[email protected]