Фото: Игор Бансколиев

Дискусијата и гласањето во Собранието се искомплицираа кај клучните закони според забелешките во извештајот на Рајнхард Прибе – законите за реформи во правосудството и за безбедносниот систем

Првичниот импулс и брзото поминување на усогласените закони помеѓу мнозинството и опозицијата, ги подгреа амбициите дека реформскиот пакет закони од планот 3-6-9 ќе биде изгласан до крајот на викендот. Сепак, таквиот оптимизам се покажа како нереален кога дискусијата и гласањето се искомплицираа кај клучните закони според забелешките во извештајот на Рајнхард Прибе – законите за реформи во правосудството и за безбедносниот систем. Но оптимизмот, сепак, не го напушти вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој вчера, преку прес-конференција, во Македонија ги пренесе пораките и впечатоците од Брисел, каде што во четвртокот реферира за резултатите од спроведувањето на планот 3-6-9.

– Дозволете да ја пренесам пораката од сите соговорници во Брисел дека Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда во овие девет месеци и дека нашата држава е вратена повторно на европскиот пат. Имплементацијата на планот 3-6-9 ги надмина и најоптимистичките прогнози и на 17 април очекуваме чиста и безусловна препорака од Европската комисија во нивниот извештај и најдобриот извештај досега – со голем ентузијазам објави вчера Османи.

Тој изјави и дека над 90 отсто од мерките предвидени со планот 3-6-9 се реализирани, а другите десетина проценти не се реализирани поради најразлични причини. Според него, дел од она што не е реализирано е поради тоа што некои мерки се во тек на преговори, некои мерки поради технички детали, а некои поради тоа што опозицијата барала дополнителни консултации. Покрај тоа, Османи убедува дека сите овие реформи се усогласени со мислењата и препораките на сите релевантни институции од Европската Унија.

Оптимизмот и ентузијазмот на вицепремиерот Бујар Османи, во моментот кога информираше за задоволството на Брисел од спроведувањето на реформите од владиниот план 3-6-9, беше поткрепено со мазното изгласување на законите за заштита на сведоци, кој беше предлог на СЈО, за формирање на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите. Овие закони, во четвртокот попладнето, беа изгласани со двотретинско мнозинство, речиси без дискусија, со по 86 и 87 гласа „за“.

Претседателот на парламентот, Талат Џафери, во четвртокот го одложи гласањето за дополнетиот Закон за судовите, во второ читање, во рамките на 34-та седница, како и измените и дополнувањата на законите за јавно обвинителство и за кривична постапка, на 35-та седница. Тогаш Џафери најави дека нивните продолженија ќе бидат дополнително закажани, а седниците се одложуваат поради потребата за дополнителни усогласувања за точките на дневен ред на овие седници. Но никаква пленарна седница не беше закажана за вчерашниот ден, а нема ниту најава за собраниски активности во текот на викендот. Сепак, за понеделник, 16 април, закажана е седница на матичната Комисија за политички систем, на чиј дневен ред се токму законите за судови и за Судскиот совет, од каде што треба да бидат ставени на разгледување и гласање на пленарна седница.

Постоеја и одредени најави дека во пакетот закони што треба да бидат изгласани, може да се најдат и измените на законот за функционирањето и избор на членови на Државната изборна комисија, но последната информација е дека за тоа се потребни дополнителни меѓупартиски усогласувања.

Наредната седмица, на 18 април, еден ден по презентирањето на извештајот за напредокот на земјите, Македонија ќе ја посетат еврокомесарката за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.