Практиката на доаѓање или повикување странски политичари и лидери заради добивање одредена поддршка за политиките што се водат од страна на политичките чинители во земјава не е никаква новина на домашната политичка сцена. Но освен дилемата дали и колку тоа се совпаѓа со дипломатските правила, прашање е и колку овие посети можат да влијаат врз граѓаните, или е можен дури и контраефект, особено поради тоа што во случајот станува збор за исклучително чувствително референдумско изјаснување за промена на името на државата?

Во екот на кампањата за референдумското изјаснување на граѓаните околу спогодбата од Нивици со Грција и паралелно со интензивните напори на политичките чинители во земјава да го мобилизираат гласачкото тело околу својата опција, речиси секојдневно пристигнуваат најави за гостувања на лидерите на глобалните политички сили и организации, кои на нешто пониско ниво на сличен начин беа застапувани и претходно, во неколку изминати изборни кампањи, но и при обидите за решавање на долготрајната политичка криза во земјава.

Последната серија најави се однесуваат на пристигнувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц и на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, сите тројца до крајот на неделава.
Овие најави и официјално ги потврди премиерот Зоран Заев на трибината во Пехчево, посветена на претстојниот референдум. Тој прецизира дека најпрво, денеска, ќе пристигне Столтенберг, и тоа вторпат за шест месеци, потоа Курц в петок, а Меркел в сабота, кога ќе се прославува и Денот на независноста на Македонија. Заев оцени дека нивното доаѓање во Скопје е уште еден позитивен сигнал, признание и поддршка за Македонија.

– Тие ни пружаат рака да одиме напред – изјави Заев, изразувајќи увереност дека референдумот ќе успее.

И како што е веќе наведено, ваквата практика на доаѓање или повикување странски политичари заради добивање одредена поддршка за политиките што се водат од страна на партиите, без разлика дали таа е од позиција на власт или не, не е никаква новина на домашната политичка сцена. Но, освен дилемата дали и колку тоа се совпаѓа со дипломатските правила, прашање е и колку овие посети можат да влијаат врз граѓаните, или е можен дури и контраефект, особено поради тоа што во случајот станува збор за исклучително чувствително референдумско изјаснување за промена на името на државата?

Според аналитичарите, ваквиот феномен на своевидно „менторство“ и барање мислења и поддршка од странскиот фактор е вкоренет уште одамна на домашната политичка сцена, каде што многу често како посредници се вклучувани странски дипломати. Таков беше случајот со Охридскиот рамковен договор, но и преку последниот пример со договорот од Пржино, со кој се поставија правците преку кои ѝ се стави крај на политичката криза во земјава.

Но дали странската поддршка од влијателните политичари може да има граници, може да влијае врз гласачите и каква е нивната улога на домашните митинзи и пораката што тие ја испраќаат? Како што објаснуваат соговорниците, политичките идеологии се остваруваат сосема различно во различни држави, во зависност од локалниот контекст. Затоа, додаваат тие, иако две партии или политичари од две земји може да бидат на истата страна од домашниот политички спектар, меѓу нив може да има многу големи разлики и во основната идеологија, но и во начинот на кој ги практикуваат своите политики.

Професорот Лазар Лазаров смета дека и самите политичари-гости во тие случаи може да си ги загрозат своите кариери. Тој коментира дека ваквата практика кај домашните партии да повикуваат видни личности од европската, но и регионалната политичка сцена, може многу негативно да се одрази врз тие политичари, но и пред домашниот неодреден електорат.

– Нема никаков ефект од нивното учество во кампањата во Македонија, народот и самиот знае за што треба да гласа, кој вреди и кој заслужува поддршка. Станува збор за една вообичаена активност на политичките чинители, да се поддржуваат едни со други во кампањите, но не по цена да се отстапи од основните принципи – истакнува Лазаров.

Според Ристо Никовски, гостувањето и улогата на странските политичари во Македонија во овој период пред референдумот се срамен чекор на Западот, бидејќи, според него, тие требало константно да бидат присутни овде, сиве овие изминати години од нашата независност

– Навалата на странски великодостојници само го потврдува фактот дека капитулацијата на Македонија беше поважна за нив отколку за кој било друг, вклучувајќи ја и Македонија. Начинот на кој тие (Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз…) ја третираа Македонија во последниве 25 години е тежок срам за сите нив, бидејќи ги прекршија сите правила сите прописи и сите меѓународни принципи. Нивната навалица кај нас, секако, ќе влијае врз народот, што е и нивната цел да ја прифатат капитулацијата како нешто позитивно. Да се надеваме дека нашиот народ ќе биде доволно умен и ќе сфати дека сите тие си ги бркаат своите интереси и дека бришењето на македонскиот народ како меѓународен субјект ништо не им значи – заклучува Никовски.

Инаку, според портпаролот на германската влада, Штефан Зајбер, теми на разговорите на Меркел со македонскиот премиер Заев ќе бидат „регионалните случувања и билатералните прашања“. Иако за посетата веќе подолго време се шпекулираше во политичките кулоари, засега ниту во Берлин ниту во Скопје нема подетални информации за агендата на Меркел. Извесно е дека нејзината посета е директно поврзана со претстојниот референдум на кој граѓаните во Македонија ќе треба да се изјаснат за промена на уставното име.