Премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас немале телефонски разговор во текот на вчерашниот ден во врска со евентуалниот договор за прашањето за името, информираше денеска Заев одговарајќи на новинарски прашања при увидот во градежните работи на новиот експресен пат Штип – Радовиш.

Тој забележува дека за преговорите и договорот околу името меѓу Македонија и Грција има одредени технички проблеми кои, како што вели, треба да се решат меѓу двете страни.

– Знаете јас уште на самиот почеток сум оптимист, не би сакал да давам детали. Верувам дека ќе го најдеме решението, но штом се отстранат овие технички можности веднаш ќе се случи телефонскиот разговор и верувам дека во најбрз можен рок можеме да објавиме дека сето тоа што е договорено, како би го процесуирале понатаму самите постапки, за да пристигнеме навремено пред Европскиот совет, заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање датум за отпочнување на преговорите за Македонија. Така што, следните денови сме максимално фокусирани и посветени, се работи за договарање за членови од договорот, за детали коишто се важни, заради тоа што сега е време тие да бидат прецизно договорени – рече Заев.

Потврдува дека и двете страни кога ќе го постигнат договрот околу името неговото потпишување меѓу Макеоднија и Грција ќе се случи во Преспа, а како што вели, тоа е желба уште од Давос.

– Таму би требало да биде потпишувањето, таа желба е уште од Давос затоа и премиерот Ципрс секогаш ја повтора и затоа јас само можам да ја потврдам секако во овој момент тоа што го разговараат усно министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција треба да биде преточено во правен документ треба одредени детали, на крајот јас и премиерот Ципрас треба да одлучиме со наши аргументации. Јас сум подготвен за тој разговор, знам дека е и тој подготвен, секако важно ни е како тоа ќе го објасниме на нашата македонска опозиција за да има причина за да ја повикаме за да биде заедно со нас – наведе Заев.

Многу и најважно е, дополни, да им објасниме на граѓаните на РМ, но исто така паралелно и важно е да им објасниме на опозицијата во Грција., како и на граѓаните на Република Грција. – Секој договор има крајни аспирации не само да отстрани одреден проблем, туку да биде алатка за зголемување на пријателството меѓу двата народа. Јас верувам дека и така ќе биде прифатено од двете страни. Ова само да биде причина да расте интензитетот и меѓусебната соработка од секој аспект меѓу граѓаните на РМ и граѓаните на Република Грција, рече Заев.

Прашан како го коментира предлогот Република Северна Макеоднија за којшто деновиве објавуваат грчките медиуми, Заев со став дека не би коментирал детали бидејќи, како што вели, е внимателен и сака да остави шанса да успее договорот.

– Веднаш штом одлучиме за имињата, придавките, додавките или слично ние би соопштиле вендаш на граѓаните, посочи премиерот.

На новинарско прашање зошто македоската јавност и медиумите постојано дознаваат информации и шпекулации од грчките медиуми и каде конкретно заглави договорот со Грција Заев повторно акцентира дека не сака да зборува за детали.

– Чувствително е, не знам како тоа ќе го прифати грчката страна. Тоа се наши пријатели, веќе довербата е голема, изградена. Не би зборувал за детали. Заради тоа што тоа се работи коишто треба ние да ги отстраниме, и македонската и грчката страна. Нема на друг начин да се отстранат. Шпекулациите од секогаш излегуваат од сите страни. Прво работат повеќе луѓе на материјата на темата за да може да се создаваат тие околности и да се изврши оваа телефонска комуникација помеѓу мене и премиерот на Грција Алексис Ципрас, рече Заев.