Зоран Заев попладнево ќе ја депонира оставката од премиерската функција, која ја најави поради лошите резултати на локалните избори. Тој тогаш оставки најави повлекување од премиерската и од лидерската позиција во СДСМ. Во партијата на местото на Заев дојде заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевки, кој се очекува да биде и новиот мандатар.

Оставката на Заев треба да ја констатира претседателот на Собранието Талат Џафери.

Портпаролот на Владата Душко Арсовски денеска истакна дека оставката ќе биде депонирана по завршувањето на годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Пендаровски по оставката на Заев треба да му додели мандат на новиот мандатар. Претседателот е должен во рок од десет дена да го довери мандатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинството во Собранието.  Новиот мандатор потоа на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, како што стои во Уставот.