Фото: Игор Бансколиев

Се очекува пратеници на СДСМ денеска до Собранието да ја достават иницијативата за повторно ставање во функција на законодавниот дом. Собранието се самораспушти на 16 февруари поради одржувањето на предвремени парламентарни избори на 12 април. Изборите, пак, беа одложени поради пандемијата.

Целта на оваа иницијатива е да бидат потврдени двете одлуки на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба од по 30 дена, како и да се остави можност пратениците повторно да можат да одлучуваат, доколку има потреба.

СДСМ го заснова свикувањето на седницата на Деловникот и на Уставот, посочувајќи дека седницата може да биде свикана со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот.

Иницијативата нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, додека ДУИ остави простор да ја види иницијативата пред да се изјасни.