Во Европа дејствуваат џихадистички мотивираните терористи, крајно левите и крајно десните терористички организации и етнонационалистичките терористички групи, кои најчесто се поврзуваат со сепаратистички движења во европските земји

Според најновиот извештај на Европол

Безбедносните закани што доаѓаат од терористичките организации сѐ уште се голем проблем за државите од Стариот Континент. На ваква констатација наведуваат информациите публикувани во последниот редовен извештај на агенцијата за криминалистичко разузнавање на Европската Унија – Европол.
Во документот на Европол насловен „Европската Унија, состојби и трендови со тероризмот 2020“ се информира дека во текот на минатата година биле регистрирани, спречени или спроведени 119 терористички напади на територијата на 13 држави на Европската Унија.

– Во полициските операции насочени против тероризмот биле уапсени 1.004 лица под сомнение дека сториле кривични дела од оваа област. Операциите за приведување на осомничени луѓе за тероризам, лани биле спроведени во вкупно 19 држави од ЕУ, но најголем број од полициските акции се „одиграле“ во Белгија, Франција, Италија, Шпанија и во Британија – пишува во извештајот.
Според публикацијата на Европол, во Европа лани како последица од терористички активности, загинале 10 луѓе, а 27 други биле ранети или повредени.
Натаму, во документот се забележува и дека полициските истраги спроведени на оваа тема во Европа, стигнале до заклучок дека на почвата од Стариот Континент се активни неколку форми на терористички групации со различна идеологија, односно во Европа дејствуваат џихадистички мотивираните терористи, крајно левите и крајно десните терористички организации и етно-националистичките терористички групи, кои најчесто се поврзуваат со сепаратистички движења во европските земји.

Според Европол, од земјите на Европската Унија, крајно левите и анархистички терористички групи најмногу биле активни во Италија и во Грција, додека, пак, крајно десните организации од ваков тип, најактивни биле во Франција, балтичките држави и во земјите од Централна и од Источна Европа.
Во меѓувреме, џихадистичкиот тероризам бил присутен во скоро сите делови на Европа, а најмногу напади и обиди за напади од овој тип тероризам биле регистрирани во државите од Западна Европа.
Во делот што се однесува на Македонија, на Балканот и на нашиот регион, Европол забележал дека не биле регистрирани терористички напади, но бил забележан активен тренд на регрутирање припадници на терористички организации, кои по завршување на своите војувања во странство се враќале во матичните земји.

Европол, за Македонија информира дека земјата била активна изминатиов период во превенирање на обидите нејзините граѓани да патуваат во местата каде што се активни конфликтите, кои ги водат одредени терористички организации.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски, коментирајќи го последниот извештај на Европол, вели дека има неколку аспекти на овој документ што се битни за Македонија.
Марковски објаснува дека нашата земја има долго искуство на справување со различните форми на тероризам, терористичките групи и нивните симпатизери. Тој објаснува дека, сепак, изминативе неколку години државата својот фокус на дејствување го насочила во правец на превенирање на радикализацијата на нашите граѓани за целите на странски милитантни организации и во правец на спречување на луѓето да заминуваат да се борат за целите на ваквите терористички групи и во намалување на ефектите за радикализација на лицата од терористички организации.

Марковски истакнува дека безбедносната слика со тероризмот во земјата е стабилна, а тоа впрочем и го докажува извештајот на Европол што, според него, најмногу се должи на фактот што станавме членка на НАТО.
– Со зачленувањето во Алијансата, битката со тероризмот се олесни, бидејќи сега постои полесна можност за споделување чувствителни информации за тероризмот со нашите сојузнички, а истовремено постои и обемен организиран механизам за превенирање на дејствата на истите групи – вели аналитичарот.
Марковски резимира дека кога ќе се сумираат сите фактори заедно, лесно може да се предвиди дека успешно се справуваме со ова модерно зло, кое им се заканува на сите држави.

[email protected]