Фото: Игор Бансколиев

Балканска унија, регионален бенелукс, православен сојуз, словенска алијанса, нова Југославија, западнобалканска шестка (Г-6) беа само некои од називите што изминативе години беа користени во медиумите и во изјавите на светските и регионални политичари како можни при формирање на некој иден регионален сојуз на држави од Балканот по принципот на сегашната ЕУ или, пак, на некогашната СФРЈ. Но дали таквите идеи произлегуваат од желбите на граѓаните во регионот за заедничко кревање на стандардите или од амбициите на некои регионални политичари да го прошират просторот на своето влијание, е прашањето околу кое и политичките аналитичари се поделени.

Последната таква идеја, но без некаков конкретен заеднички назив, беше лансирана од поранешниот косовски премиер Бајрам Косуми, кој неодамна предложи четирите „мали балкански земји“ – Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора, да формираат „модерна конфедерација“, во чија основа би биле заедничката дипломатија, војската, трговијата и слободниот проток на луѓе и стоки. Во својата колумна, што ја пренесоа приштинските медиуми, Бајрами вели дека една таква идеја би можела да се реализира од причина што тие земји воопшто немаат територијални претензии една кон друга додека од другата страна, како што истакна, имаат мали територии, мали пазари и не многу развиени економии. Тој смета дека обединувањето на четирите држави би им заштедило голем дел од буџетите за дипломатијата, економијата, безбедноста…

Политичките аналитичари, иако, во принцип, не веруваат во иднината на таквите идеи се согласни дека постојат многу добри причини зошто тие сѐ почесто се среќаваат во регионот. Една од нив е обидот Балканот да се европеизира, а државите да ги спојат сите свои ресурси заради заедничка добивка. Тие подвлекуваат дека, генерално гледано, со исклучок на некои иницијативи со негативен предзнак, на сите други целта им е да се воспостават поцврсти врски меѓу земјите и да воспостават одредени стандарди во економијата, културата, политиката, безбедноста… еднакво за сите граѓани на Балканот.

Првиот германски амбасадор во Македонија, Ханс-Лотар Штепан, во една од своите книги истакнува дека низ историјата балканското здружување на државите, иако било краткотрајно, било евидентно и можело да се препознае преку војните за ослободување од Турција, преку здружувањата на балканските земји во Првата и во Втората светска војна и формирањето на Југославија, до сегашните иницијативи, кои, според него, се сосема природни и не се никакво изненадување.

Белградскиот политички аналитичар Александар Бечиќ во изјава за „Нова Македонија“, пак, објаснува дека сите иницијативи за здружување на Балканот, според примерот на некогашна Југославија, се одраз на желбите и амбициите на некои регионални политички сили да добијат власт и надвор од границите на нивните држави. Затоа, тој смета дека по распадот на СФРЈ се губи поентата за сите идни балкански сојузи, особено поради тоа што идејата за здружување практично е жива, преку дејствувањето на ЕУ.

Инаку, на идејата на Косуми ѝ претходеше наводен обид на ЕУ за поцврсто поврзување на балканските земји. Пред неполни две години германскиот весник „Велт“ во своја анализа посветена на политичките случувања на регионот, најави дека „ЕУ на Балканот сака да создаде нова мини Југославија“. Само еден месец претходно, американскиот геополитички аналитичар Џорџ Фридман, во Белград изјави дека балканските земји имаат заеднички интерес и затоа треба добро да проценат каде одат и да размислат за „балканска федерација“, која ќе го претвори Балканот во силен партнер на САД против Русија и Турција. Американскиот геополитички експерт и основач на „Стратфор“, тогаш истакна дека трите децении по распадот на Југославија не беа баш среќни времиња за Западен Балкан, нагласувајќи дека интеграцијата во ЕУ ќе отвори многу прашања што не треба да се потценуваат, а некоја нова федерација во регионот е вистинското решение и е заеднички интерес на сите земји. Нешто порано истата година, и српскиот претседател Александар Вучиќ, истакнувајќи дека стравува за стабилноста на регионот, повика за создавање „царинска унија на сите балкански држави и територии“. Слично беше и на почетокот од 2016 година, кога руските медиуми објавија дека партијата на претседателот Владимир Путин, Обединета Русија, потпишала декларација за соработка со две политички партии во Црна Гора, нешто што сака да го направи и во други земји на Балканот и што треба да отвори пат за создавање балканска унија. Истата година и од САД произлезе слична иницијатива, а британските медиуми ѝ посветија многу од својот простор. Во 2014 година слична најава имаше и магазинот „Економист“, кој, пак, здружувањето на Балканот го оцени за неминовно во годините што доаѓаат и го најави како процес за формирање југосфера на Балканот. Во 2013 година, пак, во медиумите во регионот беше актуелен терминот „балкански Г6 сојуз“. Оваа иницијатива прв ја изнесе тогашниот министер за надворешни работи на Црна Гора, Игор Лукшиќ. Неговата идеја предвидуваше во овој сојуз да влезат Црна Гора, Македонија, Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина. Во 2012 година, пак, „Дојче веле“ пишуваше дека треба да се формира „балкански бенелукс“ во чиј состав би влегле Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.

[email protected]