Во последнава година се намалува вредноста на европската валута, а прогнозите се дека еврото ќе продолжи да слабее во однос на доларот и тој тренд ќе продолжи уште една година. Како ќе се одразат ваквите појави врз стабилноста и курсот на денарот? Од Народната банка потенцираат дека стабилноста на денарот во однос на еврото е клучна за нашата економија, како од аспект на вредноста на извозот така и од аспект на вредноста на увозот, независно од промената на интервалутарната вредност на „силните валути“

Флуктуации на вредноста на светските валути и ефектите врз домашната економија

По долгогодишната доминацијата на вредноста на еврото пред американскиот долар, од минатата година истата таа се намалува. Иако двете валути немаат достигнато паритет, сепак, аналитичарите не очекуваат во скоро време вредноста на еврото повторно да расте, што, според нив, се должи на мерките што ги преземаат централните банки на САД и на ЕУ.
Деновиве српски „Спутник“ објави анализа во која посочува дека во последнава година се намалува вредноста на европската валута, која претходно имала посилен девизен курс од доларот уште од 2003 година. Сепак, во согласност со анализата на Наталија Сафина, шефица на Одделот за макроекономска анализа и финансиски пазари во Центарот за стратегиски истражувања, иако еврото се наоѓа на најниско ниво во последната година, валутите не би достигнале паритет во следниот период.
– Причината за притисокот врз европската валута е тоа што на пазарот сѐ повеќе се очекуваат поактивни чекори на американската централна банка во насока на заострување на монетарната политика и следствено на тоа, зголемување на профитабилноста на доларските фондови. Американскиот регулатор досега само го намали купувањето на средства од 120 на 105 милијарди долари во ноември, а во декември планира да го намали лимитот за уште 15 милијарди долари – објаснува аналитичарката.

Според неа, натамошната политика на Федералните резерви ќе доведе до ново зајакнување на доларот во однос на кошничката на светските валути, вклучувајќи и на еврото.
– Тоа значи дека еврото ќе продолжи да слабее во однос на доларот и тој тренд ќе продолжи уште една година, но не треба да очекуваме валутите да достигнат паритет – прецизира Сафина.
Еврото, според нејзините прогнози, би можело да биде поевтино од доларот доколку инфлацијата продолжи да се забрзува во Европа и ако макроекономските показатели се влошат поради екстремно експанзивната монетарна политика на Европската централна банка и рестриктивната реторика на Федералните резерви на САД и зголемување на референтната каматна стапка. Сепак, Сафина ја исклучува можноста за развој на настаните според ова сценарио во блиска иднина.
Од Народната банка на Република Северна Македонија објаснуваат дека валутниот пар ЕУР/УСД е најтргуван пар, така што доколку се набљудуваат вредноста и движењето на курсот на еврото, тоа вообичаено или најчесто е во однос на САД-доларот.
– Вредноста на САД-доларот тековно е на највисокото ниво во однос на еврото од јули 2020 година наваму, за што придонесуваат неколку фактори, меѓу кои и пазарните очекувања ФЕД поскоро да пристапи кон повлекување на монетарниот стимул (tapering) и зголемување на каматните стапки, што ја зголемува релативната привлечност на инвеститорите кон САД-доларот. Наспроти очекувањата на пазарните учесници за затегнување на монетарната политика на ФЕД наредната година, се очекува поголема воздржаност од страна на ЕЦБ и задржување на истата поставеност на монетарната политика, во согласност со најавите на ЕЦБ во повеќе наврати дека не се исполнети условите за затегнување на монетарната политика до крајот на наредната година. Пандемијата исто така има влијание врз движењето на овие валути, имајќи предвид дека рестриктивните мерки можат да резултираат со понизок раст на економиите од очекуваното. Во последниот период, зголемениот број заразени лица од коронавирусот во еврозоната и воведувањето рестриктивни мерки во повеќе економии од еврозоната, придонесе за релативна пониска вредност на еврото. Развојот на настаните поврзани со пандемијата за наредниот период е неизвесен. Притоа, би напоменале дека со оглед на слободниот флуктуирачки курс на овие две валути, осцилациите во релативната вредност на еврото во однос на САД-доларот се континуирано присутни – појаснуваат од НБРСМ.

Оттаму потенцираат дека во однос со денарот ваквите флуктуации на вредноста на светските валути немаат силен одраз, а дополнително по потреба им стојат на располагање мерки за одржување на стабилноста на нашата валута.
– Во однос на домашната валута – денарот, таа се поврзува со стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото како стратегиска определба на монетарната политика за одржување на „де факто“ фиксен девизен курс. Клучниот фактор од кој зависи стабилноста на денарот, девизните резерви, се одржуваат на историски највисоко ниво и се повеќе од двојно повисоки отколку во текот на глобалната финансиска криза во 2008/2009 година. Покрај тоа, Народната банка располага и со дополнителни механизми за поддршка на девизните резерви и одржување на стабилноста на домашната валута, доколку за тоа има потреба – објаснуваат од НБРСМ.
Од Народната бака исто така објаснија дека оправданоста за ваквата стратегија произлегува од карактеристиките на македонската економија, како мала и отворена економија што се одликува со високо ниво на трговска размена со странство, која во доминантен дел се одвива во евра.
– Оттука, стабилноста на денарот во однос на еврото е клучно за нашата економија, како од аспект на вредноста на извозот така и од аспект на вредноста на увозот, независно од промената на интервалутарната вредност на „силните валути“ – потенцираат од НБРСМ.
Поранешниот гувернер Петар Гошев објаснува дека зајакнувањето на доларот на светско ниво би влијаело само врз компании што тргуваат повеќе на пазарите каде што размената или плаќањата се прават со американски долари.

– Компаниите што во размената користат долари, особено оние што увезуваат од тамошни региони ќе треба да дадат повеќе денари за увоз на продуктите. Од друга страна, оние што извезуваат на некој начин извозот ќе им стане поевтин, или можеби подобро да кажеме поисплатлив. Сепак, ова се мали флуктуации, не дека доларот значајно пораснал над вредноста на еврото, и овие промени во вредноста на светските валути нема да имаат значително влијание врз економијата. Дополнително, нашата економија е генерално насочена кон увоз и извоз на пазарите во Европската Унија, па не се очекува поголемо влијание. Може делумно овој раст на вредноста на доларот да влијае врз кредити што се земени во странство и кои се исплаќаат во долари. Тие корисници ќе треба да плаќаат, да одвојат повеќе денари за купување долари, но значајно влијание врз економијата не може да има – појаснува Гошев.