Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали охрабрувачката изјава на Макрон ќе биде уште една во низата

На некој начин земјава како да се навикна на европската дволичност и лицемерство, така што властите стануваат повнимателни и повеќе не ги креваат очекувањата на своите граѓани за почетокот на преговорите со ЕУ, знаејќи дека немаат партнер од другата страна на кој може целосно да му се верува, без оглед што постојано добиваат пораки на поддршка

Македонија по неколку децении во чекалницата на Европската Унија, веќе отрпна на охрабрувачките изјави на европските политичари и ги прима со крајна резерва, поучена од искуствата дека ваквите изјави, барем досега, никогаш не се остварија.
Затоа и последната порака на францускиот претседател Емануел Макрон, дека Македонија заслужува да ги започне преговорите со ЕУ без одлагање и дека сега е дојдено време да се конкретизира таа одлука, звучи прекрасно, но по сите минати разочарувања, се прима со извесна доза на скепса.

Во исто време со идентична изјава се јавува и министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, кој пред Советот за безбедност на ООН порача дека „ЕУ нема да застане додека земјите од Западен Балкан не станат дел од ЕУ“.
Несомнено пораките звучат убаво, но проблем е што искажаниот збор и ветување се забораваат веќе следниот ден. Македонија и Албанија не можат да ги почнат пристапните преговори иако ги исполнија сите услови, а земјите што веќе преговараат воопшто не напредуваат во преговорите.

Поради тие причини се наметнува дилемата зошто се кажуваат вакви работи кога ништо од нив во практика не се остварува. Во основа, ваквите пораки на Македонија ништо не ѝ значат ако не се реализираат во практика.
Да биде парадоксот уште поголем, ваквите изјави на поддршка не ги даваат некакви маргиналци во политиката, туку водечки европски политичари чиј углед зависи од остварување на она што ќе го кажат и ветат. Вака нивните пораки без да се остварат, народски кажано, се само ветер и магла.

Македонија уште во далечната 2004 година го доби кандидатскиот статус и заслужи почеток на преговорите, но без оглед што секоја година потоа во секој извештај на ЕК се препорачуваше почеток на преговорите, тоа не се случува безмалку 20 години.

На некој начин, земјава како да се навикна на европската дволичност и лицемерство, така што властите стануваат повнимателни и повеќе не ги креваат очекувањата на своите граѓани за почетокот на преговорите со ЕУ, знаејќи дека немаат партнер од другата страна на кој може целосно да му се верува, без оглед што постојано добиваат пораки на поддршка.
– Факт е дека многу повеќе гласови на поддршка во смисла на почеток на преговорите имаме сега отколку што сме имале порано. Фразите што сега се употребуваат се многу посилни и бројот на држави што стојат зад нив е многу поголем, а во дипломатијата тоа има една своја голема тежина во смисла дека зад тие изјави се кријат многу политички преговарања, механизми, притисоци итн. Мислам дека овој пат тоа не се обични празни реторики, но сепак сè зависи од тоа колку е разумен политичарот на земјата кон која тие пораки се насочени – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.

Според него, во следниот период ќе се види дали овие изјави на поддршка конечно ќе се ефектуираат во полза на Македонија.
– Сега треба да видиме како ќе се ефектуира тоа. Клучно е да не се креваат премногу надежите. Не ни е потребен оптимизам, ако почнат разговорите во ред, ако не, никому ништо. Навистина сметам дека нема потреба да шириме оптимизам, бидејќи ние циклично го правиме тоа, па разочарувањето подоцна е големо – констатира Трошановски.

Аналитичарот Синиша Пекевски стравува дека изјавите што ги даваат европските политичари повторно се обични политички флоскули.
– Ваквите изјави се обични политички флоскули. Ниту еден нема да ви каже во лице дека не сте добри и не заслужувате, туку ќе рече заслужувате, но треба уште малку да се потрудите. Ниту една изјава не треба да ја земаме здраво за готово, особено што ние ги пренесуваме изјавите како што нам ни одговара. Генерално, никогаш не е така, секогаш го има зборот „заслужува“, па следува запирка и потоа треба да се справите со корупцијата, да го решите спорот со Бугарија и слично. Ние секогаш ги слушаме првите зборови, но не и тоа по запирката – вели Пекевски.

Тој додава дека не треба премногу да се радуваме на изјавата на Макрон, како и и да не креираме оптимизам.
– Ние самите си креираме некаков оптимизам којшто е нереален и затоа не треба да имаме преголеми очекувања ниту сега – заклучува Пекевски.
Јунскиот самит на ЕУ е закажан за 22 јуни, кога ќе биде многу појасно дали некоја од охрабрувачките изјави за Македонија конечно ќе стане реалност или, пак, ќе остане уште една во низата неостварени ветувања.