Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потребни се 28 дена без позитивен случај за да може да се прогласи крај на пандемијата

Ќе имаме ли укинување на пандемијата или не? Потребни се 28 дена без ниту еден позитивен случај во земјава за да може да се прогласи крај на пандемијата. Колку е реално да се очекува тоа, ако веќе делта-сојот е сѐ помасовен во светот, а и протоколите за забави кај нас тешко се почитуваат. Дали ќе има трет или четврти бран веќе станува излишно прашање, туку е прашање кога ќе се случи тоа, особено што земјата има и слаб процент на вакцинирани против ковид-19.
Здравствените власти и експерти по епидемиологија смируваат и велат дека бројките на позитивни случаи се во пад, што е плус повеќе за смирување на состојбата. Сепак, посочуваат дека масовната вакцинација е клучна за смирување на состојбата и прогласување крај на пандемијата.
Според епидемиологот Драган Даниловски, во земјата, практично, немаме вирус во циркулација.
– Тоа е така со актуелниот тип вирус. Делта-вирусот е сосема нешто друго. Оваа поволна ситуација дава можност соодветно да се дизајнираат мерките за заштита на јавното здравје. Односно, нема потреба од никакви рестрикции, освен што останува работа на здрав разум, секој од нас во затворен простор да носи маска, од причина што сѐ уште имаме спорадични случаи дневно. А маска нема да има потреба да се носи ако 28 дена нема ни еден нов случај – вели Даниловски.
Смета дека индискиот мутант или делта-варијанта, која ја имаат 92 земји во светот, веројатно и нас нема да нѐ одмине.

– Значи треба да работиме на јавно здравје односно со вакцинација, со помасовно вакцинирање летово, да се опфати што поголем број граѓани со две дози вакцина. Гледаме во Израел што се случува, беа шампиони, ги величаа, а делта-варијантата направи да се покаже дека 55 отсто имаат вакцинирано со две дози. Делта-варијантата е позаразна и потребен ѝ е праг на колективен имунитет до 85 отсто, за да се смета дека има мал ризик на епидемиско ширење. Добра вест е што природниот имунитет и вакциналниот, сепак некој повеќе некој помалку, штити и од индискиот вирус. Нас нѐ интересира колективната заштита. Небитно е дали си вакциниран со вакцина што штити 60 отсто или 90 отсто. Масовноста ако се постигне се добива редукција на колективниот ризик, а тогаш и индивидуалниот ризик се намалува – додава епидемиологот.
Директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет на УКИМ, Александар Петличковски, вели дека бројките се многу добри, одлични, но мислам дека сѐ уште е рано да предвидуваме и да претпоставуваме кога точно ќе заврши пандемијата бидејќи и лани во летото имавме олабавување на притисокот, но после наесен се врати пандемијата со нов посилен бран.
– Секако дека таков силен бран не можеме да очекуваме, нема место за такво нешто. Меѓутоа, исто така мислам дека е рано да предвидуваме кога точно епидемијата ќе ни заврши – вели Петличковски.

Рече дека мал дел од заслугата за ваквите бројки отпаѓа на бројот на имунизирани и прележани пациенти со ковид-19, но појаснува дека можеби летото не му дозволува на вирусот толку да се шири.
– Можеби има уште нешто во биологијата на вирусот што го прави да стигнеме од такви драстични страшни бројки, со десетици мртви, на три вкупно новодијагностицирани случаи и без пациенти со вирусот во болниците. Тоа е микс од разни околности што нѐ носат во оваа одлична состојба во овој момент. За ставање крај на епидемијата треба да биде имунизирано над 80-85 отсто од населението – додава тој.
Според министерот за здравство Венко Филипче, за да се прогласи крај на една пандемија, треба два циклуса од 14 дена да нема дијагностицирани случаи и има некои предвидувања кога тоа би можело да се случи кај нас.
– Ако продолжат овие трендови, тоа би требало да се случи некаде кон крајот на август или почетокот на септември – посочува Филипче.

[email protected]